Во списанието на престижната Меѓународна асоцијација на менаџери од областа на уметноста со седиште во Лондон, е поместен и репрезентативен текст за Македонската филхармонија. Меѓудругото, отворањето на новата концертна сала на Македонската филхармонија се споредува со отворањето на престижната Филхармонија Елб во Хамбург, како уште едно извонредно архитектонско здание посветено на музиката кое ја одбележа оваа година.
Во списанието е поместен и текст за историјатот на нашата музичка институција, текст за официјалното отворање на новата концертна сала, како и рецензија на видниот англиски музички критичар од „Телеграф“, Џефри Норис.
На годинашната конференција на Меѓународната асоцијација на менаџери од областа на уметноста (The International Artist Managers’ Association – IAMA), која во Лондон се одржа од 23 до 25 април, присуствуваше и директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, кој оствари битни контакти со уметнички менаџери и концертни агенти на светски музички институции и организации од областа на класичната музика за понатамошна соработка, особено во однос на гостување на врвни солисти и диригенти на сцената на Македонската филхармонија. Илиески истакнува дека присуството на оваа конференција секогаш вродува со плод.
„Се сретнавме со значајни личности од областа на уметноста, кои се занимаваат со менаџмент, со концертни агенти од сферата на класичната музика и разменивме искуства кои ќе делуваат позитивно за нашата програмска политика“, вели Илиески. „Имаме конкретни преговори за сезоната 2019/20 за нови уметнички имиња. Особено сум горд што за Македонската филхармонија е поместен текст во списанието на ИАМА, затоа што токму тоа списание го читаат членки на менаџменти од европски и светски филхармониски куќи, опери, но и врвни агенции кои ги претставуваат светските солисти и диригенти“.