Второто издание на мeѓународниот книжевен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе се одржи од 27 до 29 мај во Скопје, во организација на издавачката куќа „Икона“. Директор на фестивалот е Дејан Трајкоски, а уметнички директор е Александар Прокопиев. Членови на Уметничкиот совет на фестивалот се Елизабета Шелева и Ермис Лафазановски. Продуцент на фестивалот е Николчо Мадешовски, директор на „Икона“.
Од оваа година на ПРО-ЗА Балкан, заедно со писателите од Балканот ќе се претставува и со виден писател од Македонија кој ќе го избира специјално одбран селектор, годинава селектор е Венко Андоновски.
Одборот за доделување на наградата „Прозарт“ што фестивалот ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски придонес кон развојот на балканската книжевност е составен од: првиот лауреат на наградата „Прозарт“, српскиот писател Владислав Бајац, уметничкиот директор Александар Прокопиев, членовите на Уметничкиот совет на фестивалот Елизабета Шелева и Ермис Лафазановски, и директорот Дејан Трајкоски. Гости на фестивалот се познатите балкански писатели Даша Дрндиќ, Алеш Чар, Марио Леви, Слободан Шијан и Ненад Величковиќ.
Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура, од амбасадата на Република Словенија во Република Македонија, а е помогнат од град Скопје, Европската Унија, амбасадата на Република Хрватска, амбасадата на Република Србија, амбасадата на Босна и Херцеговина, Младински културен центар, како и од ресторанот Ориент Експрес, како и поддржан од фестивалот Танпинар од Турција.
Програма на второто издание на фестивалот:
Прв ден 27 мај 2014
Свечено отворање – Младински културен центар – 20 часот
Претставување на писателите, нивното дело и книгите преведени на македонски јазик. За Даша Дрндиќ, Алеш Чар, Марио Леви, Слободан Шијан и Ненад Величковиќ ќе говорат членовите на уметничкиот совет Александар Прокопиев, Елизабета Шелева и Ермис Лафазановски; за Драги Михајловски ќе говори Венко Андоновски
Втор ден 28 мај 2014
Трибина „Европа/Балкан – литература/инклузивност“ – ЕУ инфо центар – 11 часот.
Модератор – Елизабета Шелева.
Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на Скопје фелоушип програмата, селекторот на македонскиот писател како и членовите на Уметничкиот совет на фестивалот.
Потпишување книги од страна на гостите автори и средба со гостите на Скопје фелоушип програмата – книжарница „Икона“ – Скопје Сити мол, од 19 до 20 часот
Средба на членовите на Скопје фелоушип програмата со писатели и издавачи од Македонија
Трет ден 29 мај 2014
Средба на членовите на Скопје фелоушип програмата со писатели и издавачи од Македонија
Затворање на фестивалот со доделување на наградата „Прозарт“ – книжарница „Икона“ – Скопје Сити мол, 19,30 часот
Обраќање на добитникот Даша Дрндиќ
А.Б.