До понеделник, 15 јуни, е отворен вториот конкурс за книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2020 година, кој го распишаа издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
За наградата може да конкурираат сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма (во ворд или во пдф-формат), на е-адресата: [email protected]. Ракописите ќе ги оценува тричлено стручно жири.
Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 30 септември 2020 година. Доколку и друг ракопис биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на ракописите што се второ и треторангирани.
На првиот конкурс за „Пегаз“ минатата година пристигнаа 77 ракописи, а за победник беше избран ракописот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук. Тој беше објавен и промовиран. Ракописите што беа позитивно оценети, исто така, добија можност од „Арс Ламина“ да бидат објавени, па така неодамна од печат излезе и романот „Курвински хроники“ од Александар Русјаков.