Издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распишуваат вториот конкурс за книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2020 година.
Конкурсот ќе биде отворен до 15 јуни 2020 година и може да се пријават сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма (во ворд или во пдф-формат), на е-пошта: [email protected]. Ракописите ќе ги оценува тричлено стручно жири.
Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 30 септември 2020 година.
Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ и треторангираните романи.
– На првиот конкурс за „Пегаз“ минатата година пристигнаа 77 ракописи, а за победник беше избран романот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук, кој беше објавен и промовиран. Ракописите што беа позитивно оценети, исто така, добија можност од „Арс Ламина“ да бидат објавени, па така, деновиве од печат ќе излезе и романот „Курвински хроники“ од Александар Русјаков, соопштија организаторите на конкурсот за наградата „Пегаз“.