„Вигмор Хол“ објави второ рецитално издание на пијанистот со светска кариера Симон Трпчески. Салата „Вигмор“ во Лондон е прва концертна сцена за класична музика во светот што има своја сопствена ЦД-етикета. На носач на звук се претставени настапите на најпознатите светски музички ѕвезди во салата со распоред од над 400 настани годишно, за кои се продаваат 165.000 билети.
На својот најнов компакт-диск нашиот пијано виртуоз пред пошироката јавност ја претставува својата изведба во живо на подиумот во „Вигмор“ од 19 јули 2014 година.
Новото издание на Трпчески оваа ексклузивна етикета го претставува со пригоден текст: „Симон Трпчески се етаблира како еден од најзначајните музичари појавени последниве години, настапувајќи со многу од најголемите светски оркестри и маѓепсувајќи ја публиката ширум светот. Прекрасната програма снимена во живо во „Вигмор Хол“ ја отвора со меланхоличните Брамсови 3 интермеца (опус 117), ’песни-лулки на моето страдање’- како што еднаш ги има наречено самиот композитор, шармантна и разновидна селекција што ги покажува чувствителноста и деликатната експресија на Трпчески. Еклектичните ’Благородни и сентиментални танци’ на Равел, дисонантен и страстен ланец од распеани танци, се наоѓаат во срцето на овој албум… Изведбата завршува со возбудливата Токата од ’Трите парчиња’ на Пуленк, која на брилијантен начин го демонстрира шареноликото и виртуозно свирење на Трпчески.“
Во изјавата за македонските медиуми по повод најновото аудио-издание, како што пренесува КултурОп, Трпчески истакнува дека ЦД-то и го посветува на мајка си поради „уникатната неисцрпна енергија која на семејството му служела како водилка за сите предизвици во животот“.
За второто издание за „Вигмор Хол“, тој подвлекува: „Чест е да се снима повторно за нив, токму поради традицијата што ја имаат во врската со многу светски уметници. Се надевам дека ова ќе е уште едно продлабочување на долгогодишната соработка“.
Инаку, по настапот во Мадрид, оркестарскиот распоред веќе следната недела го води нашиот пијанист во Пул и Портсмут, Велика Британија, каде што како солист на Симфонискиот оркестар на Борнмут под диригентската палка на Ендрју Литон, ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар број 5, „Императорски“ од Бетовен, со кој една недела подоцна ќе се претстави и на матичната сцена на Филхармонискиот оркестар на Берген во Норвешка.