Врачување на наградата „Табернакул“ на Херта Милер и Том Стопард

Од:

Во Македонскиот народен театар вечер ќе им биде врачена Меѓународната книжевна награда „Табернакул“ на годинашните лауреати Херта Милер и Том Стопард, кои денеска претпладне ќе имаат и средба со македонските новинари.

По тој повод издавачката куќа „Табернакул“ ќе промовира нови четири изданија: романот „Патничка на една нога“ и книгата есеи „Секогаш истиот снег и секогаш истиот чичко“ од Херта Милер, а од Том Стопард – трилогијата „Брегот на Утопија“ и трите драми (во една книга) „Аркадија“, „Рокенрол“ и „Тежок проблем“.

За ликот и делото на нобеловката Херта Милер ќе говори Виктор Ерофеев, руски писател и претходен добитник на оваа награда, а за творештвото на Том Стопард обраќање ќе има Горан Стефановски.

Херта Милер (1953) е германска писателка, добитничка на Нобеловата награда за книжевност во 2009 година. Родена во Романија, работела како преведувач, а со пишување почнала во младоста. Пишува романи, раскази, поезија и есеи. Нејзините дела се преведени на повеќе од дваесет јазици.

Том Стопард (1937) е еден од навлијателните и најпочитувани драмски автори во Британија и светот. Од 1997 е носител на титула витез што ја доделува британската кралица. Роден во Чехословачка, за време на нацистичката окупација пребегнал и по Втората светска војна се преселил во Велика Британија, откако поминал три години во интернат во Индија. Работел како новинар и како театарски критичар. Автор е на повеќе култни драми, меѓу кои е „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“ (поставена во Драмскиот театар во Скопје), како и на сценариото за филмот „Вљубениот Шекспир“.

Книжевната награда „Табернакул“ претставува бронзена скулптура изработена од академскиот вајар Горан Стаменков. Лауреатите, исто така, добиваат и златник од Книжевната академија Табернакул, како и паричен износ од 5.000 евра.

Изборот на годинашните лауреати е со одлука  на жирито, во состав Ферид Мухиќ, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Цветан Враживирски и претходните добитници на оваа награда: Милан Кундера, Љубивоје Ршумовиќ, Орхан Памук и Виктор Ерофеев.

– Целта на книжевната награда „Табернакул“ е да ги промовира најзначајните, светски признати книжевни вредности на македонски јазик, како и да покаже дека Македонија е земја со долга книжевна и културна традиција, земја што покажува особена почит за сите актуелни книжевни и културни глобални достигнувања, соопшти „Табернакул“.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска