Во Велес денеска почнаа 52. Рацинови средби посветени на поетот и револуционер Коста Солев Рацин. Организатор е здружението на граѓани „ФАД СТОБИ“, а манифестацијата се одржува под покровителство на Општина Велес.
Манифестацијата почна со отворање на „Ѕид на Рацин“, на кој ученици од велешката гимназија „Кочо Рацин“ на ѕидот под Градскиот саат цртаа цртежи со фрагменти од творештвото на Рацин.
Програмата продолжува вечер во Ликовниот салон со отворање на изложбата „Грнчарски средби Велес 2015“ по што пред неговиот споменик во кругот на велешката гимназија ќе биде положено цвеќе. На истата локација ќе биде откриен и споменик „Музата на Рацин“ посветен на Рахилка Фирфова, која била негова муза. Како резултат на неостварената љубов кон неа, Рацин ги создава познатите картички и неговата поезија „Антологија на болката“. По Рафилка, тој го добива и псевдонимот Рацин.
Во Младинскиот парк вечер ќе бидат доделени и наградите од распишаниот рецитаторски и литературен конкурс за учениците.
Свеченото отворање на Рациновите средби е вечер во 21:30 часот пред платото на новата зграда на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Ќе биде доделена и нововостановената награда „Антологија на болката“ за необјавена стихозбирка љубовна поезија на дебитантката Сузана Мицева. Воедно ќе биде доделена и наградата од конкурсот на Твитер мрежата насловен како „Напиши љубов во 140 карактери“. Добитник на оваа награда е Рамадан Рамадани.
Во фоајето на театарот ќе биде отворен и Саем на книга, а во амфитеатарот на Младинскиот парк ќе има проекција на филмската поема „Бели Мугри“ од архивските материјали од Државниот архив на Македонија.