Во српскиот портал за литература и култура на читањето „Sinhro“ е објавен најновиот расказ „Наредното евангелие“ од Томислав Османли. Станува збор за прво публикување на куса проза во која Османли ја пишува својата книжевна рефлексија врз пандемијата.
Пишувана во псевдо-библиски стил, оваа проза на Османли гради есхатолошка визија на поделеното, егоизирано и спротивставено човечко општество: глобалното отуѓување е причина и за епидемијата на глобалната осаменост. Општествената поделеност и изолацијата, според авторот, е повод и за социјалните дистанцирања во денешницата од затворања, самоизолации, осамувања, а „новата реалност“ се држи на истенчените конци од сочувственоста. Сочувственоста која веќе не е дел од човековите препознатливи поведенија, авторот со горчлива иронија, му ја припишана единствено на бога. И таква, таа веќе во следниот момент се заканува како неизустена катастрофа на светот…
Расказот на српски јазик го преведе Османли, а наскоро се очекува тој да биде објавен и во некој од македонските медиуми.
Порталот „Sinhro“ го уредува Бранислава Илиќ, а го издава Здруженито „Синхро Мозаик“, чие седиште се наоѓа во Војводина, поточно во Сремска Митровица.
Во овој портал во април годинава беше објавен кусиот расказ „Запис“ од збирката „Каприча“ на Османли, а минатата година беше објавен критичкиот осврт „Зад аголот -роман за болните точки на цивилизацијата на прагот од 21 век“ од Сашо Огненовски, критичар и писател, кон српското издание на романот „Зад аголот“ на Османли.