Во организација на издавачката куќа „Блесок“, а со поддршка од Гете Институтот и Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка, утре, 23. мај во кафе – книжарницата „Децата од нашата улица“ ќе биде претставен германскиот автор Јурген Ненѕа.
Во програмата за овој настан најавено е претставување на авторот, разговор и читање поезија на македонски и германски јазик, со проекција на македонскиот превод. Еден дел од вечерта ќе му биде посветена на Игор Исаковски, кој лично го покани авторот да гостува и заедно со Елизабета Линднер ги започна подготовките. Во последниот дел е предвидено време за прашања од публиката, а потоа и потпишување на книгите.
Јурген Ненѕа, роден 1957 година во Есен, пишува поезија, раскази, радио драми, специјални радио прилози и приредува книжевни изданија. За поезијата има добиено повеќе литературни признанија, меѓу кои и Наградата за лирика Меран. Последни книжевни изданија се „Ротацијата на колибрито“ (2008) и „Јаболко и кос“ (2012).
А.Б.