Во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ денеска премиерно ќе биде изведена претставата „Каменот“ од Мариус Фон Мајебург, во режија на Кристина Димитрова. Тоа е прва претстава од почетокот на пандемијата и од годинашната програма.
Претставата е предизвик и за прилепската актерска екипа и за ансамблот кој прикажува прва премиера. За режисерката Кристина Димитрова, проектот е предизвик во овие услови.
– Голем предизвик е да се прави претстава во пандемија. Мора да внимаваме на многу работи, главно на маските, заштитата, на дистанцата. Имавме и многу среќа никој од актерите и од сите чинители во претставата да не заболи. Беше многу стресно, но и убаво. Претставата е според современ, германски текст. Голем предизвик беше. Нема линеарен развој на настаните, вели режисерката Димитрова.
Претставата, посочи таа, е според современ, германски текст, а предизвик и внимателност беше сиот процес.
– Сите актери беа во добра здравствеа состојба. Приказната е за повеќе генерации во едно германско семејство што ги поминало децениите искушенија. Се чувствуваат исчезнатата среќа, остатоците од војната, сиромаштвото, лагите, непочитувањата, лицемерието. Потребни се голема издржливост и многу компромиси за да се живее во мир, појасни актерката Ачански.
Во претставата според сите протоколи играат: Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Димитар Ѓорѓиевски, Јасмина Мицовска- Станкоска, Марија Димитрова, Илија Волчески. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Роза Трајчевска – Ристовска, драматург е Лидија Митоска Ѓорѓиевска, а музиката е на Томе Темелкоски.