Во Прилеп се одржа информативна сесија за користење на фондовите од Програмата „Креативна Европа на ЕУ“

Од:

Пред голем број претставници од институциите од културата, образованието и од невладини организации денеска во големата сала од општина Прилеп се одржа информативна сесија за програмата „Креативна Европа“, за двете подпрограми „Култура“ и „Медиа на ЕУ“. Информативната сесија е дел повеќето настани кои ги спроведуваат Делегацијата на ЕУ, Министерството за култура и Агенцијата за филм на Република Македонија.

Целта е потенцијалните апликанти од културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор да бидат информирани за навремена подготовка на проекти за претстојните повици за аплицирање.

Според Билјана Прентоска од канцеларијата за „Креативна Европа на ЕУ“ при Министерството за култура ова е единствена Програма на ЕУ наменета за културните, креативните и аудиовизуелните сектори, на која покрај јавните и локалните установи од областа на културата, потенцијални апликанти може да бидат и општините, образовните институции и невладините организации.

– Всушност, Министерството за култура е координативно тело на оваа Програма, а Агенцијата за филм која ја спроведува подпрограмата „Медиа“ е наш партнер во спроведувањето на Програмата на национално ниво. Од почетокот на нејзиното реализирање, вакви информативни сесии се одржани во Скопје, Охрид, Струмица, Велес, Куманово, Тетово, така што денешната сесија во Прилеп е дел од пакетот сесии за охрабрување на културните оператори за нивно вклучување во користењето на овие фондови, истакна Прентоска.

Бистра Георгиева, раководител на „Медиа“ програмата која функционира во рамките на Агенцијата за филм истакна дека оваа програма е дизајнирана за, исклучиво, да го финансира аудиовизуелниот сектор.

– Тука спаѓа развојот на филмови, анимациски и документарни проекти, финансиска поддршка на филмски фестивали, поддршка на проекти кои подразбираат развивање и ширење на филмската публика, видео игри. Покрај продукциски куќи, може да аплицираат и регистрирани фирми, здруженија на граѓани и државни институции, рече Георгиева.

Виолета Качакова, како претставник на организацијата Центар за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ од Скопје, изјави дека ова здружение е меѓу првите во нашата држава кое има искористено грант од програмата за култура.

– Тоа е грант кој подразбира европски проекти, кои се спроведуваат со европски партнери и чиј опус треба да биде што поширок број на земји кои се членки на ЕУ, но и на земји кои не се членки на ЕУ, а притоа да бидат застапени земји од сите региони. Конкретно, ние работиме на полето на современите изведувачки уметности, а нашата мрежа опфаќа партнери од 12 европски земји, потенцираше Качакова.

На информативната сесија во Прилеп беа презентирани основните информации и начинот како да се аплицира. Се спроведоа и индивидуални консултации со потенцијалните апликанти, заинтересирани да реализираат проекти.

Информативните средби низ Македонија траат последните три месеци и можно е за брзо време да биде објавен повикот за аплицирање.

Инаку, ЕУ за ваквите проекти ќе ја зголеми финансиската поддршка за наредниот период. Досега за сите европски земји беа доделени 820 милиони евра, а за наредниот период финансиската поддршка ќе се зголеми на една милијарда евра. Во Македонија досега, за проекти, се искористени околу 600 000 евра.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Во Прилеп денеска е ден на жалост поради трагичната смрт на трите медицински лица

Катерина Ѓуровски

Двајца лекари и ренген-технчар се жртвите во тешката сообраќајна несреќа кај Прилеп

Четворица повредени во сообраќајка во Прилеп

Еден тешко повреден во судар на автомобил и мопед во Прилеп

Две деца од Прилеп здобиле изгореници откако пламнал пожар во нивната куќа

Горан Наумовски