Во прилепското кино „Мис Стон“ синоќа премиерно беше прикажан документарниот видео запис насловен „Експедиција нов простор“, како дел од проектот „Коти на културата“ (Координати на културата) на прилепската невладина „Агтис“ во соработка со извидничкиот одред „Феникс“.
На уникатен начин, прилепските извидници, основци и средношколци, го прикажуваат своето истражување на културните и природните богатства во Пелагонискиот регион давајќи им поинаква смисла.
Според Филип Стојаноски, од извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп ова е сосема ново и уникатно.
-Снимивме извиднички филм кој открива нови културни простори, односно им дава значење на постојните. Ги посетивме познатите места: преминот Слива во Мариово, превојот Дервен, родната куќа на Стале Попов, слеговме до Црна Река, се качивме во Крушево, ги посетивме Марковите кули. Тие се познати места на кои извидниците им дадоа поинакво значење, друг поглед и открија нови културни простори. При необичната експедиција ги откривме дружењето, меѓусебното запознавање, играта, авантурата. Откривме како е без мобилни и најнови технологии, за да научиме легенди и како да ги пренесеме, да се запознаеме со традицијата и со нашата културата која за жал со брзиот начин на живеење, се заборава, објаснува Стојаноски.
Александар Цветкоски од невладината организација „Агтис“ вели дека проектот „Коти на културата“ е финансиран од Министерството за култура и отвора можности за ново поимање на културните и природните вредности, но и можности за извиднички туризам.
– Извидниците имаа главна точка: откривањето на нови културни простори. На пример, кај Црна Река во Мариово сите одат на риболов, а извидниците појдоа да бараат богатство, ги следеа митовите и легендите. Во манастирите го бараа скриеното значење, се интересираа за животот на свештениците, преокупациите. На превојот Слива ги откриваа приказните на патувањето на даночните пари пред многу векови, за движењето на војските. Оваа средба со културните места даде нов потенцијал и можност за развој на еден вид извиднички туризам, значаен, познат во светот, рече Цветкоски.
Невладината „Агтис“ во соработка со извидничкиот одред „Феникс“ ќе подготви нови проекти како „коти на културата“.
-Со извидниците ќе се откриваат народните, забавни игри кои со децении, а можеби и подолго ги играле младите генерации, а сега да бидат игри на извидниците: „кукуш“, „чомак челик“, „народна“, „купче“, „куцкамен“. Овие игри ќе им бидат претставени на странците. Со ова ќе го заштитиме најранливото културно наследство: митовите, легендите, поговорките, игрите. Сето тоа може да се понуди како бренд од Македонија, објаснува Цветкоски.