„Во прегратките на љубовта“ на Емил Попорданоски добитник на наградата „Стојан Христов“

Од:

„Во прегратките на љубовта“ на Емил Попорданоски од Мелбурн, Австралија ја доби наградата „Стојан Христов“ за најдобра поетска книга од автор од македонската дијаспора што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со Агенцијата за иселеништво.

Одлука ја донесе жири-комисијата во состав Веле Смилевски, претседател и членовите Јовица Ивановски и Митко Гогов, во избор од седум пристигнати книги.

– Стихозбирката „Во прегратките на љубовта“ се одликува со мотивско-тематска и стилско-изразна кохерентност. Лајт-мотив за поетските љубопитства и потраги е љубовта како повод за свртување кон својот внатрешен свет и обид за откривање на причинско-последичните врски со реалноста. Тоа се искрени, елементарни изливи на емотивниот набој, кои на места се доближуваат до еден вид сублимации од рефлексивен карактер на песната, но и на книгата во целина, ѝ придаваат поизразита внатрешна структура и цврстина. Оттука книгата добива димензии на своевидна поема на и за љубовта, стои во одлуката на жири-комисијата.

Песните, како што е наведено, се поле за авторовата потрага по хармонија, при што љубовта се јавува како повод и цел во градењето на авторовата животна филозофија низ која се согледуваат возвишените димензии на внатрешниот порив да се сака и да се биде сакан.

Директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски му посака успех на добитникот.

– Верувам дека многу лесно жири-комисијата дојде до ваква одлука затоа што единствено нешто на оваа планета што не може да се купи со пари е љубовта. Им се заблагодарувам на сите учесници за оваа награда и ги охрабрувам и понатаму да творат, рече Близнаковски.

На конкурсот за наградата „Стојан Христов“ пристигнале и „Поезија за возрасни“ од Саво Костадиновски од Келн, Германија; „На брегот“ од Милена Златеска, од Пула, Хрватска, „Во прегратките на љубовта“ од Емил Попорданоски од Мелбурн, Австралија, „Таму каде душите треперат“ од Росано Чолаков, од Фрајбург, Германија, „Магични љубовни зборови“, „Неостварена љубов“ од Оливера Петрова Јовановска, од Мелбурн, Австралија, „Раѓање“ од Бошко Рајчовески – Пелистерски, од Флорида, САД и „Во куќата на зборот“ од Соња Таировска Ѓурчак, од Улм, Германија.

Стихозбирката „Во прегратките на љубовта“ е прва објавена книга на Емил Попорданоски. Содржи триесетина песни напишани во различни временски периоди и континенти.

Би можело да ве интересира

Врачени највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата

Жан Пјер Симеон: Поезијата е местото каде можеме сите да се обединиме

Врачување на највисоките признанија на СВП на традиционалната манифестација „Мостови“

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Сиљановска Давкова ги прими лауреатот, добитничките на награди и организаторите на 63. издание на Струшките вечери на поезијата

„Струшки вечери на поезијата“ од 22 до 26 август под мотото „Допир на убавината“