Во рамки на фестивалот „КРИК 06: Јазол – привремено постоење, анксиозност и загубена иднина“ вечер во Музејот на Современа Уметност (МСУ) предавачот Михаел Хајнрих ќе одржи јавно предавање насловено „Како да се чита „Капитал“ на Маркс? Вредност и фетишизам“.
-Капиталот на Маркс е најфундаменталната анализа на капиталистичкиот начин на производство. Ние, секако, треба да го читаме и препрочитуваме Марксовиот „Капитал“, и покрај тоа што станува збор за тешка задача, особено кога се во прашање првите неколку поглавја, кои се клучни за разбирањето на целокупното негово творештво, се наведува во соопштението на организаторите.
Како што посочуваат, во своето предавање и низ разговорот вечерва Михаел Хајнрих ќе се обиде на само да ги разоткрие односите помеѓу некои основни категории, но ќе се посвети на разоткривањето на тоа што значи „читање“, воопшто, и кои ќор -сокаци на читањето треба да ги избегнуваме. Предавањето е базирано неговата книга „Како да се чита „Капитал“ на Маркс?“ Преводот на англиски јазик само што се појави на Monthly Review Press во Њујорк.
Михаел Хајнрих е еден од најреномираните специјалисти на Марксовото дело и најистакнат автор на движењето на толкување наречено neue Marx-Lektüre, или „ново читање на Маркс“.
Тој предавал економија на Универзитетот за применети науки во Берлин и беше главен уредник на ПРОКЛА: весник за критични општествени науки.
Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија и „Allianz Kulturstiftung“.