Во Кинотеката вечер ќе се одржи завршната вечер на филмскиот фестивал за млади „Џифони“, каде ќе биде прикажано сработеното, а ќе бидат прогласени и најдобрите филмови во сите натпреварувачки категории.
Завршната вечер ќе биде пренесувана и на фејсбук-страницата на фестивалот.
Според Режисерката Марија Џиџева, која водеше работилница, филмските работилници секогаш се голем предизвик да се успее во неколку дена да се раскаже филмска приказна, преку разговор и дружење да се научат најосновните елементи на филмскиот јазик, да се направат кратки вежби за опсервација, лична и на околината и да се насочат младите филмаџии како да размислуваат и да ги визуелизираат своите идеи.
-Младите снимија интересни приказни кои се надевам дека ќе нè натераат да размислиме, и секако, да дејствуваме, да го чуеме нивниот глас како да го направиме овој свет подобар, додаде Џиџева.
Вчера завршија со работа сите работилници и другата филмска програма.
Работилницата за дигитален дизајн ја водеше проф. Ладислав Цветковски. Тој им откри дел од тајните за дизајнирање постови за социјални мрежи, со цел да научат како со слика и куса порака да креираат оригинален пост, преку кој ќе го искажат својот став на тема која тие самите ќе ја изберат.
-Им беше предочена важноста на аргументираното, критичкото и инклузивно размислување, без употреба на говор на омраза. Позитивното ланско искуство поврзано со вклучување на ученици надвор од Скопје се покажа како модел кој и оваа година даде позитивен резултат – меѓусебно се запознаа, вмрежуваа и развија компетитивност. Тоа што учесниците го истакнаа како најважно е можноста да работат во група, слободно да дискутираат, да си помагаат и со искрените коментари да изградат меѓусебна доверба, рече Цветковски.
На работилницата за креативно пишување со фокус и примена во новинарството, младите учеа што е информација, што е вест, како да ја препознаат и да ја напишат.
-Правеа интервју на вистински личности, кои потоа ги портретираа. Сите беа фантастични, а особено ме радува што одлично се изразуваат и солидно го владеат македонскиот јазик, истакна менторката Весна Ивановска-Илиевска, еден од основачите на порталот за уметност, наука и образование „Умно.мк“.
На претпоследниот ден од фестивалот, учесниците го проследија документарниот филм посветен на „Џифони“ низ изминатите 50 години. Четворица претходни џифонци од Македонија, кои сега се и волонтери на фестивалот, ги споделија своите искуства со помладите, преку анегдоти, по некоја солза, насмевка, шега. На сите нив, „Џифони“ им влијаел повеќе од позитивно, влијаел на стекнување самодоверба, но и себеоткривање.
Претходно средношколецот Емрах Јусуфоски зборуваше за важноста на менталното здравје и работењето на својата личност. Тој ја сподели својата приказна од детството и за тоа како почнал да работи на себеси. Преку блогови, текстови, користејќи ги социјалните мрежи Емрах отворено зборува за типичните проблеми и влијае позитивно на младите.
Гостин на фестивалот беше и продуцентот Михаил Дехтиар од Русија, кој зборуваше за филмот „On the Edge“. Филмот е за две руски шампионки во мечување, нивните падови и подеми и борбата за издржливост.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.