Признанија за развој и поддршка на културниот живот, синоќа беа доделени на повеќе личности и здруженија на свеченоста што се одржа во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар по повод 28 Ноември, Денот на албанското знаме.
Директорот на центарот, Љуан Зенку на доделувањето истакна дека оваа институција е една од главните кои го развиваат културниот живот во градот и дека тоа го прави со безрезервна поддршка на локалната самоуправа. По тој повод на градоначалникот Невзат Бејта му беше доделно специјално признание.
Признанија за придонес во културата добија културно-уметничките друштва „Јахи Хаснаи“ и „Љуле е малесис“ (Горски цвет) и ансамблот за песни и игри „Емин Дураку” од Скопје.
За постигнати резултати на полето на културата, признанија им беа врачени на ветераните музичари, Хајрула Волина, Максут Дехари и сликарот Мели Зенку. Посебно признание за придонес за промовирање на културата доби и новинарот Ќани Мехмети.
На свеченоста во Центарот за култура пригодна програма изведоа членови на ансамблот „Емин Дураку“.
Пред свеченоста, во малата сала, концерт со класична музика изведе групата „Приштина Брас“. Активностите околу одбележувањето на празникот се организираат со финансиска поддршка на општина Гостивар и Министерството за култура.