Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола, Фондацијата „Чекор по чекор“ и „Сумнал“ – здружението за развој на Ромите, заеднички го одбележаа 2. Април-Светскиот ден на книгите за деца.
Претставници на библиотеката и ученици со своите наставници денес ја промовираа и кампањата „Прочитај ми сказна за да го разберам светот“, со цел да се популаризира читањето книги кај ромските деца од најмала возраст, но и кај сите деца, посочи Јелена Петровска, директорка на НУУБ „Св.Климент Охридски“-Битола.
– Кампањата ќе опфати средби со писатели, читање на книги од познати личности, едукативни работилници за деца и родители. Во кампањата се вклучени ученици од основните училишта „Стив Наумов“ и „Гоце Делчев“, децата од детската градинка „Естраја Овадија Мара“ – Битола и „Сумнал“ – здружение за развој на Ромската заедница. Следењето на модерните текови е резултат на нашите настојувања, библиотеките да работат во пресрет на потребите на заедницата, особено на најмладите учесници како наши идни корисници, посочи Петровска.
Со цел да се популаризира книгата и читањето од најмала возраст потребно е примена на нови форми и методи кои се прифатливи за нивната возраст, причинувајќи им задоволство и воодушевување и тоа преку игра и забава и користење на соодветен дидактички материјал, нагласија организаторите на промотивниот настан во Битола.
– Соработката со субјектите кои се и најчести консументи на информациите и услугите на НУУБ „Св. Клиемнт Охридски“ – Битола е особено важна со оглед дека истите дејствуваат во заедницата и имаат важна општествена улога. Соработката со здруженијата на граѓани, основни училишта и родители резултира со нови иновативни идеи и организирање на специјални настани кои во јавноста предизвикуваат особен интерес. Затоа денес го претставивме и проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“, а кај децата посебно внимание предизвика посетата на „Библиотеката на тркала“, специјално пренаменето возило, опремено со книги и дидактички материјали за читање и математика, рече Петровска.
На Светскиот ден на книги за деца, претставниците на здружението за развој на Ромите „Сумнал“-Битола, го најавија претстојниот празник, 8. Април – Меѓународниот ден на Ромите.
– Во однос на културата и негувањето на традициите, мораме да напоменеме дека „Сумнал“-Битола, секоја година традиционално го одбележува денот на Ромите, 8 Април и по тој повод се организираат различни активности и работилници на кои се зборува и твори за овој многу значаен ден во историјата на Ромите, истакна Фатма Бајрам Аземовска.