На локации околу Битола и Преспа ќе се снима долгометражниот игран филм „Банат“, копродукција меѓу Италија, Бугарија, Романија и Македонија. Режисер е Адриано Валерио, добитник на почесна награда за краток филм (37°4 Ѕ) на фестивалот во Кан во 2013 година.
– Филмот ќе се снима пет недели, од кои две во Македонија, како и по една недела во Романија и Бугарија, и две во Италија. Филмот „Банат“ е првата копродукција меѓу Македонија и Италија по „Бал-кан-кан“, соопшти македонскиот копродуцент „КТ Филм и Медиа“.
„Банат“ е приказна за емиграцијата, но во обратна насока: од Италија во Романија, во потрага по работа и среќа на ликовите Иво (Едоардо Габриелини – добитник на наградата „Пасинети“ на Венецискиот филмски фестивал) и Клара (Елена Радоничиќ).
Буџетот на филмот е околу 850.000 евра, во кој Агенција за филм на Македонија учествува со 7.000.000 денари – поддршка од делот за долгометражни играни филмови со малцински удел.
Во филмската екипа има повеќе учесници од Македонија, меѓу кои Роберт Јанкулоски – директор на фотографија, Петар Трајчевски – сценограф, Крсте Господиновски – главен аниматор и уметник за визуелни ефекти, Марина Цигарида – шминка, Димитар Николов – продуцент, како и 50-ина македонски статисти и актери во помали улоги.