Во Барселона деновиве, на македонски и на шпански јазик, е објавена плакета со стихови на македонскиот поет и академик Ристо Василевски.
Плакетата, како што соопшти Арка прес, е во издание на угледниот шпански издавач Алберт Лазаро Тинаут и е отпечатена во ателјето Дигитал Ворк во Барселона, во само 60 уметнички и графички обликувани примероци.
Стиховите на Василевски од македонски на шпански јазик се во превод на Марија Бежановска и Роса Енрике.
Во пораката упатена до Василевски, Тинаут пишува дека имал чест и големо задоволство и него да го вклопи во големиот проект „културен отпор”, односно во „колекцијата на двојазични изданија кои во мигот кога се чини дека културата, особено поезијата се соочуваат со бавна смрт, придонесуваат за дифузија на поезијата и за создавање на мал позитивен Вавилон.”
Во рамките на оваа колекција досега се објавени плакети на 49 автори, и тоа на 28 шпански поети на шпански и италијански, англиски, руски, португалски, грчки, германски, романски, холандски, каталонски и на повеќе други јазици, и на три каталонски поети на каталонски и француски, италијански и естонски јазик. Од странски јазици (италијански, француски, португалски, бугарски, романски, арапски, бенгалски, летонски, арапски, галициски, мистечки – Мексико и берберски – Мароко) и на шпански и каталонски јазик се објавени плакети на 18 истакнати светски поети, стои во соопштението на Арка прес.