(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Од:

Велешката чалгија во чии звуци своевремено уживал и турскиот султан е симбол на Велес повеќе од еден век. Граѓаните од овој град не можат да се замислат без чалгијата ниту без ансамблот “Распеани велешани“ кој годинава слави 53 години.

Дел од овој ансамбл е и велешанецот Муамер Абедин кој е роден во истата година кога ансамблот се формирал. Муамер е книжар, музичар и макетар кој ужива да ги свири звуците на велешката староградска музика која научил да ја свири сам уште кога имал десет години.

– Музиката ми е прва уметност. Во тоа време се правеа многу седенки, моите родители се дружеа со членови на велешките чалгии. Јас бев мал, имав десет години кога татко ми свиреше со нив на бузуки. Од мерак почнав да ги вежбам дома песните на гитара. Одев по кафеаните, слушав музика на летните тераси и потоа дома седнував да свирам – ја почна Муамер својата животна приказна.

Првиот инструмент му бил акустична гитара, а потоа засвирил на бузукито од татко му.

– Потоа го земав бузукито на татко ми, па продолжив на џумбуш и на ут. Свирев и на македонска тамбура со две двојни жици. Кога купив малечок инструмент прим (мала тамбура) почнав да свирам со него во рестораните – раскажува Муамер Абедин кој од хонорарите од свирките со првите два оркестри постојано ја збогатувал својата колекција со инструменти.

Муамер постојано купува инструменти, но најголема гордост во големата колекција му е реткиот џумбуш на кој свирел неговиот дедо.

– Земав виолина, но немам време да ја свирам и сакам да ја научам. Свирам на акустична гитара, бас гитара, електрична гитара, тамбура, прим, бузуки, лаута, ут, џумбуш… Дома имам саз од Турција, имам четири акустични гитари и две електрични. Имав и контрабас кој го продадов за време на пандемијата.


Сега во колекцијата го имам и џумбушот кој му припаѓал на мојот дедо, свирел на него своевремено и го продал на некој човек. Јас го најдов човекот и успеав да си го откупам. Си го вратив споменот на дедо ми назад– истакна тој.

Семејството Абедин отсекогаш ја негувало македонската музика. По дедо му на Муамер кој свирел на џумбуш и бил канет на секоја турска свадба во велешко, со музика се занимавал и татко му кој свирел гитара, а едно време пеел и мексикански песни и соработувал со Пенчо од групата Мањифико.

– Во последно време почнав да свирам лаута, тоа е бузуки инструмент сличен на утот. Свирам со чалгија, одам со “Распеани велешани“, но и со “Распеани пензионери“. Убаво ми е со нив, уживам оти ги негуваме староградските песни. Тие имаат многу материјал, знаат многу песни кои никогаш не ги слушнал народот и чест ми е да учам од нив иако сум најмлад – вели Абедин.

Пред почетокот на пандемијата Абедин го основал оркестарот “Сербес“ што на турски значи “слободен“. Бил составен од музичари кои свират на кавал, тамбура, контрабас, гитара и хармоника. Оркестарот добро работел и требало да почне да свири надвор од земјата но почетокот на пандемијата им ги одложил активностите.

Поради работата во книжарницата која повеќе од 30 години е бизнис на неговото семејство, Муамер нема време да работи како инструктор иако постојано добива понуди да држи часови од љубители на чалгијата и специфичните жичани инструменти.

– Би сакал навистина да ги учам помладите, но немам време поради работата со книжарите. Најтежок инструмент е утот бидејќи нема прагови и мораш да имаш чувство за да отсвириш нешто. Се што има прагови е полесно. Генерално мора да имаш основа на некој инструмент како што е гитарата за да свириш на џумбуш или ут. Не можеш директно сам на нив, многу е тешко – вели Абедин кој во својата колекција од дваесетина жичани инструменти ја има и рачно изработената тамбура од мајстор Миле Бајдески од Кичево кој изработува инструменти за “Танец“.

Покрај музиката, велешкиот книжар и чалгаџија решил да се занимава и со изработка на макети од хамер и кибритчиња. Првата макета од хамер што ја направил е џамијата султан Ахмед Паша од Истанбул. Од кибритчиња го изработил Мало Мовче во Велес, пешачки мост во близина на семејната книжарница, додека од внимателно сортирани дрвца ја изработил Ајфеловата кула.

– Џамијата ја направив од хамер и поставив сијалички во зелена и бела боја за да биде идентична како Ахмед Паша во Истанбул која е фасцинантна затоа што има шест минариња. Мовчето сакав да го изработам затоа што низ него минувам секојдневно. Мало Мовче е 100 метри, а јас направив мини-верзија од еден метар – објасни тој.

Ајфеловата кула ми била голем предизвик, го запоставил дури и свирењето поради неа.

– Во специјално корито ги варев дрвцата за да се свиткаат за изработка на полукруговите. Врвот можев да го направам со антени, но ми дојде идеја да ставам врат од гитара со што и дадов посебен шарм на кулата висока 180 сантиметри. Целта не ми е да заработам од ова, туку да ги поттикнам младите да размислуваат креативно и да си постават цел пред себе – раскажа Муамер.

Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот