Ова сабота, 13 јуни, со почеток во 20 часот, во скопскиот клуб Ла Кања ќе се одржи промоција на “Мис Слобода“ – деби албум на македонската музичарка Телемама.
Телемама е музичка инкарнација на визуелната уметница Драгана Заревска. Нејзините навидум едноставни песни, отсвирени на акустична гитара и укулеле, се комбинација на лични приказни и социјална поезија, нежни и истовремено благо морничави. Во атмосферичноста на нејзиниот минималистички стил, до посебен израз доаѓа евокативниот и шепотлив вокал.
„Мис Слобода“ е албумско првенче, збирка на домашни снимки создадени во интимниот простор, некаде помеѓу мали сипаници, граѓански протести и сопруг на службен пат. Содржи 10 нумери, од кои 9 авторски и една преработка на „Песна за песот“ од култниот скопски бенд Last Expedition.
Албумот е во издание на „Ако никој не свири“ и ќе биде достапен на цеде, во ограничен тираж. Од 20 до 21 часот, Драгана Заревска која го направи и дизајнот на изданието, на лице место ќе изработува персонализирани примероци со женски ликови. А потоа ќе следува мал концерт на калдрма.