На сцената на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа премиерно беше изведена претставата „Тартиф“ од Жан Батис Молиер, во режија на Никола Ристов.
Улогата на Тартиф ја играше Зоран Љутков, Оргон го играше Јордан Витанов, Елмира беше Слободанка Чичевска, Самоил Стојановски е во улогата на Клеант, Зорица П. Панчиќ како Дорина, Александар Вељановски како Дамис, Марија Стефановска како Маријана, Кети Борисовска како Госпоѓа Пернел, Жарко Спасовски како Валер, Александар Георгиев како Господин Лојал, Фаик Мефаиловски како Агент и Спасе Петрушев како Флипот.
Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите се на Александра Крнинова Груев, а музиката на Сашко Костов.
Потребата за наметнување на апсолутната контрола и креирање на опкружување скроено исклучиво по сопствена мерка, според режисерот Ристов, ги прави карактерите ранливи под налетот на лагата, подлоста и измамата.
– Ранливи за лицемерниот Тартиф, за кој моралот е измислена приказна. Преку лицемерството, интригата и способноста брзо да ги открие слабите страни на човекот, ни покажува дека животот е поважен во меѓусебниот контакт, отколку во вистинската природа на нештата. Затоа и самиот Молиер ги изместува каноните на комедијата. Метастазиран рак и корупција се сместени во општетсвото на претставата. И покрај комичните сцени, крајот не е со по беда и разврска, туку со благодарност и олеснување. Никој не вади вистинска поука. Како во маѓепсан круг, ликовите само продолжуваат да опстојуваат, изјави Ристов.