Народниот театар „Јордан Х. К. Џинот“ од Велес со онлајн-перформансот „Тој и Таа“ ќе учествува на Интернационалниот фестивал „Град“ во Сараево, кој оваа година се одвива под мотото „Град – моj дом“. Фестивалот ќе се одржи во периодот од 7 до 21 септември, а интернет-перформансот „Тој и Таа“ е селектиран во категоријата „Визуелни уметности“.
Од велешкиот Театар информираат дека годинешното четврто издание на фестивалот е креативен предизвик за нови средби на уметниците, публиката и медиумите, односно враќање на урбаната комуникација и социјална блискост, но поради светската пандемија со вирусот Ковид 19 ќе биде со изменет формат, односно поголемиот дел од програмата ќе биде претставен онлајн, а ќе се претстават уметници од повеќе земји во светот, како што се Шпанија, Хрватска, Мексико, Франција, Италија, Белгија, САД и други.
Од Театарот информираат дека интернет-перформансот „Тој и Таа“ беше реализиран во периодот април/август 2020 година, осмислен како производ на интернет-културата во време на вирус.
Режијата е на Деан Дамјановски, драматургијата на Сашо Димоски, видеодизајнот на Филип Коруновски, а улогите ги толкуваат актерите: Благојчо Стојанов, Талија Настова, Васил Зафирчев, Славица Манаскова, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Зорица П. Панчиќ, Симона Димковска, Слободанка Чичевска, Жарко Спасовски, Исидор Јованоски и Кети Борисовска.