Во организација на локалната библиотека „Гоце Делчев“ и Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, а под покровителство на Општина Велес синоќа во Младинскиот парк во Велес по третпат се одржа манифестацијата „Велешка поетска вечер“.
На манифестацијата на малото мовче во Младинскиот парк кој ја симболизира поезијата, со свои стихови се претставија 28 поети од сите генерации, членови на Сојузот од осум писателски асоцијации од Македонија: од Кавадарци, Куманово, Штип, Кочани, Прилеп, Неготино, Скопје и Велес.
– Велес е град на поети и поезија и целта на оваа манифестација е да се промовира Велес како поетски град. Велес освен со долгогодишната поетска манифестација Рациновите средби да се збогати со оваа и други поетски манифестации, кои ќе го претстават како поетски град, потенцира во изјавата за МИА, Игор Крајчев писател и претседател на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес.