Вечер завршува 23. Скопје филм фестивал

Од:

Во летното кино на Кинотеката, вечер, годинашната програма на 23-тото издание на Скопје филм фестивал ја затвораат британскиот филм „Фани Лај“ (2019) и култното ремек дело на Фелини „Осум и пол“ (1963).

– „Фани Лај“ е третиот филм на сценаристот и режисер Томас Клеј, создаван десет години и снимен на 35 мм лента, е импресивен и моќен пример на независниот британски филм што ги изместува жанровите. Радикален и субверзивен при истражувањето на еден од најтурбулентните британски периоди тој создава впечатлив, феминистички „пуритански вестерн“, фасцинантна и брутална, мрачно-смешна и необично хипнотична приказна од еден каллив период на Англија, посветувајќи исклучително внимание на историските детали. Проекцијата почнува од 19 часот во летното кино на Кинотека, соопштија организаторите.

Филмот „Осум и пол“, додаваат, има автобиографска нишка, а насловот го добил затоа што Фелини дотогаш имал снимено седум и пол филмови: шест долгометражни, два кратки и еден во соработка со Алберто Латуада.

– Пред почетокот на снимањето Фелини, како и протагонистот во самиот филм, немал конечно сценарио. Во 1964 филмот имаше пет номинации за „Оскар“, а ги доби наградите за најдобар странски филм и костимографија. „Осум и пол“ се смета за еден од најважните филмови на Фелини, но и на светската кинематографија воопшто, се вели во соопштението.

Оваа година Скопје филм фестивал првпат во своето постоење се одржа на отворено, програмата беше посетена од максимален број публика, а беа прикажани повеќе од 20 играни и документарни филмови.

– Скопје филм фестивал изразува благодарност до Кинотека на Северна Македонија, Агенцијата за филм, Фондацијата „Славко Јаневски“, Зоран Кардула, Кралството Холандија и најмногу до нашата верна публика со која ќе се видиме и следната година, наведуваат организаторите.

Со промоција на нови изданија и проекција на филмот „Давид, Голијат и петел“ вчера Скопје филм фестивал ја одбележа стогодишнината од раѓањето на Славко Јаневски. Оваа програма се реализира заедно со Кинотеката на Северна Македонија и во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Ѕвездан Георгиевски претставил четири книги што ги објави Фондацијата. Тоа се три книги филмски сценарија: „Македонскиот дел од пеколот“, „Јазол“ (настанат по романот „Две Марии“) и „Деветтиот надгробник“, досега непознато сценарио што било пронајдено во неговата оставнина.

– Според нашите информации станува збор за проект што наводно требало да го работи Лордан Зафрановиќ, ама ете никако да му се посреќи да работи во Македонија. Го реобјавивме и романот „Тврдоглави“. Тоа е првиот објавен роман од серијалот романи за Кукулино, кој претставува зачеток на македонскиот, па и европскиот магичен реализам. Имено, „Сто години самотија“ се појавува во Мексико 1967 година, за првпат е преведен во САД и Велика Британија 1970 и тогаш магичниот реализам станува светски мега хит. „Тврдоглави“ со класичен манир на магичниот реализам се појавува во 1969 година“, рече Георгиевски.

За филмското творештво на Славко Јаневски (режисер е на пет кратки филмови и сценарист и косценарист, соработник на сценарио на десетина играни филмови) Георгиевски рече дека Славко Јаневски е можеби единствениот, а во секој случај еден од ретките што има добиено две Златни арени за сценарио на филмскиот фестивал во Пула (за „Волча ноќ“ и „Македонскиот дел од пеколот“).

– Потоа, публиката на Скопскиот филмски фестивал имаше ретка можност да го види краткометражниот филм на Јаневски, се вели во соопштението.

Би можело да ве интересира

Со новиот филм на Гаспар Ное завршува 25-от Скопје филм фестивал

Ана Ололовска

Најновиот филм на Бандерас и Пенелопе Круз утре на Скопје филм фестивал

Ана Ололовска

„Смачено ми е од себе“ и промоција на книгата на Уневска, утре на Скопје филм фестивал

Ана Ололовска

25. издание на Скопје филм фестивал почнува со канскиот победник „Триаголник на тагата“ и изложба на плакати

Ана Ололовска

Завршува годинешниот 23. Скопје филм фестивал

Ана Ололовска

Утре завршува годинешниот Скопје филм фестивал

Ана Ололовска