Македонскиот обоист Васил Атанасов со концерт насловен „Васил и пријателите“ ќе одбележи 40 години кариера. Концертот ќе се одржи в недела, од 20 часот, во Македонската опера и балет.
Диригент на концертот е Андреј Андреев од Бугарија, а ќе настапат баритонот Борис Трајанов, сопранот Весна Гиновска Илкова, Александар Дојковиќ, тенор од Србија, Кохар Андонијан-харфа (Бугарија), Јагода Тренеска Цветичанин-пијано (Хрватска), Драган Даутовски, Ратко Даутовски, Кристина Атанасова-виолина, Томе Атанасов-обоа, Тодор Светиев-пијано, Катерина Гелебешева Костадиновска-пијано, Скопскиот дувачки квинтет и Камерниот оркестар Скопски солисти.
Васил Атанасов на денешната прес-конференција рече дека е горд и задоволен од досега постигнатото.
– Кога се прави една ретроспектива, гледам дека вредело да се работи и да се живее за музиката. Мојот пат или мојот живот беше музиката, потенцира Атанасов и изрази задоволство што на концертот ќе настапат и неговите деца, кои се дипломирани уметници.
Тој потсети дека е прв обоист и солист на Македонска филхармонија. Како обоист во Филхармонија има отсвирено повеќе од 1.200 симфониски концерти, повеќе од 200 солистички концерти, стотина во странство. Има снимено повеќе од илјада минути музика за Македонското радио, повеќе од 65 настапи со Камерен оркестар, 220 камерни концерти.