Во рамките на манифестацијата „Валандовска културна пролет“ љубителите на културата и уметноста од Валандово, но и од други места од земјава и странство, ќе имаат можнoст да проследат квалитетни културни манифестации.
Имено, веќе утре во Домот на културата гостува театарската претстава на Големиот театар од Јагодина, Србија, „Збуните завесу, спустио сам се“.
Утре почнува и големиот фестивал на турската националност од овој крај „Хид Бах Шен Фест, Чалакли“, кој ќе трае во наредните четири денови и ќе се одржува и во околните градови.
На 6 мај е концертот на Влатко Стефановски во Фестивалската сала, а на 11 овој месец гостува театрската претстава „Солун, град на духови“ во режија на Слободан Унковски.
Според градоначалникот, Перо Костадинов, богатата културна понуда ќе биде заокружена со одржувањето на традиционалниот фестивал на новокомпонирани песни „Фолк фест Валандово 2018“ на 24 и 25 мај.
– Подготовките за фестивалот се во полн ек. В вторник во Скопје ќе одржиме прес-конференција, на која ќе бидат познати многу детали околу нашиот фестивал. Можам само да речам дека ќе понудиме нов концепт, квалитетна музика и настап на многу познати естрадни имиња, рече градоначалникот Перо Костадинов.
Инаку, во рамките на манифестацијата „Валндовска културна пролет“ во изминативе месеци се одржаа голем број настани подготвени од локалните културни работници.