Утревечер отворање на 27-мо издание на „Поетска ноќ во Велестово“

Од:

Охридското село Велестово утревечер повторно ќе биде собирното место на македонските поети и сликари, вљубеници во поезијата и уметноста воопшто, во рамки на 27-то издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција посветена на „Поетската ноќ во Велестово“, манифестацијата по својата специфика изминатите речиси три децении се избори за епитетот најавтентична поетска манифестација, не само во земјата туку и пошироко.

–  Нејзината специфичност произлегува од начинот на презентирање на поезијата во необичен простор, надвор од академските простории и структури, туку се враќа во селото – нејзиното извориште, истакна Славе Ѓорѓо Димоски, поет и основач на „Поетската ноќ во Велестово“.

Тој во оваа прилика го нагласи неговиот став дека поезијата е единствениот чувар на јазиците кои се од мало говорно подрачје, особено во денешницата, во современието кога технологијата надвладува, како што рече „во период на контаминација на интернационален лексички дожд, особено од англискиот јазик“.

-„Поетската ноќ во Велестово“ претставува и една мала, но строга антологија на македонското поетско творештво и на македонското сликарство, во секое нејзино издание опфаќајќи творештво на еден поет и на еден сликар, класици на современата македонска поетска литература и македонската ликовна уметност, појасни Димоски.

Оваа година манифестацијата е посветена на поетот, прозаистот, критичарот Веле Смилевски. За неговото поетско творештво ќе беседат Санде Стојчевски и Раде Сиљан. Традиционално покрај поетскиот портрет ќе се одржи и ликовна изложба. Во изложбениот простор на старото училиште во Велестово со изложба на слики и графики со мотиви од Монголијка ќе се престави Литов Намдагјанчивин, инаку почесниот конзул на Монголија во Македонија.

На вториот ден од манифестациајта, задутре во Велестово да биде промовиран зборникот песни „Меѓу две неба, песни за Велестово“ во кој се поместени педесетина песни посветени на Велестово од автори ширум светот.

Во рамките на оваа манифестација изминатите 25 години беа претставени творештвата на најпознатите македонски поети, сликари, критичари, меѓу кои Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Гузел, Радован Павловски, сѐ до претставници од помладата генерација, како Никола Маџиров и Владимир Мартиновски, а од сликарите би ги споменале: Вангел Наумовски, Боро Митриќевски, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Славко Упевче…

Манифестацијата ќе биде отворена утревечер на средсело во Велестово, со почеток од 21:30 часот.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот