На 15 јануари (четврток), со почеток во 19 часот, во ГЕМ клубот во Стара чаршија, Фондацијата Отворено општество – Македонија ќе ја промовира книгата „Вeрни до смрт: Довербата и теророт во револуционерна Македонија“ од Кит Браун.
„Вeрни до смрт: Довербата и теророт во револуционерна Македонија“ претставува вистински предизвик за откривање на работата на Македонската револуционерна организација од историска дистанца поголема од еден век. Кит Браун се сосредоточува на општествените и културните механизми на лојалноста за да ги опише патиштата на доверба и терор – мрежи на тајното комуницирање и врски на солидарноста – кои ги поврзувале печалбарите, селаните од зафрлените села и нивните лидери во една заедничка кауза и организација која имала своја терминологија и хиерархија, но и моќ да решава за животот и смртта на членовите кои ѝ се заколнале на верност.“, стои во предговорот на ова издание.
Книгата ќе ја промовираат Драги Ѓорѓиев, директор на Институтот за национална историја, и Ирена Стефоска, професор на Институтот за национална историја.
Гостин ќе биде и авторот Кит Браун, професор на Институтот Томас Х. Вотсон при Универзитет Браун во САД.
Модератор на промоцијата, по која ќе следи и дебата со присутните, ќе биде Билјана Бејкова.