Утре книжевна вечер посветена на познатата Даша Дрндиќ

Од:

Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки и Градот Скопје, во Скопје престојува Даша Дрндиќ, една од најреномираните хрватски писателки. Главна цел на престојот е да се продлабочат контактите со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Македонија, како и подготвувањето на нејзината најнова книга.

Во чест на гостинката, во Скопје, во арт кафето Менада, утре, на 28 октомври, во 20 часот, во соработка со Независни писатели на Македонија, ќе се одржи книжевна вечер.Воведна реч за авторката ќе одржи проф. Д-р Елизабета Шелева. Разговорот со авторката ќе го води Лилјана Дирјан. За искуството од преведувањето на романот Лајка формат ќе зборува преведувачот Милан Банов. На вечерта ќе настапат и членовите на НПМ: Богомил Ѓузел, Митко Маџунков, Сашо Прокопиев.

Даша Дрндиќ е родена во Загреб. Од 1999 година работи како професор на Филозофскиот факултет во Риека, и предава модерна британска литература, американска и британска модерна драма, литература и филм, и креативно пишување. Предавала и на Универзитетот во Торонто, Канада. Активна е и како преведувач (превела есеи и студии од Борхес, Пинтер, Орвел, Гомбрович, Сангвинети, Бродски…), пишува радио-драми, литературна критика, есеи… Учествувала на бројни книжевни резиденции низ Европа. Објавила десетина книги од областа на прозата и литературната критика.

За документарниот роман “Sonnenschein” ги доби наградите Фран Галовиќ и Киклоп, двете за најдобра прозна книга во 2007 година, а беше номинирана и за книжевната награда на Јутарњи лист. Со истата книга беше во најтесен избор за престижната британска “Independent Foreign Fiction Prize”, а ја доби “Independent Foreign Fiction Readers Prize”. Романот “Sonnenschein”, на англиски јазик објавен под насловот “Trieste“ веќе е преведен на десетина јазици. Во Франција, пак, доживеа издание кај престижниот Галимар, еден од најугледните светски издавачи, и тоа како еден од ретките романи од Балканските простори. По преводот во САД се објавија афирмативни рецензии во Њујорк Тајмс, Стар Трибјун…

Книгата “Лајка формат” во 2004 година беше номинирана за наградите “Вјесник”, “Јутарњи лист”, “Владимир Назор” и “Киклоп” а преведена е на шест јазици. Во Македонија оваа книга ја објави издавачот Готен, а во превод на Милан Банов.

“Април во Берлин”, пак, во 2010 повторно беше номинирана за сите реномирани хрватски награди, а веќе се појавија преводите во Братислава и Будимпешта.

Во мај 2014 ја доби наградата „Прозарт“ на Фестивалот на Про-за Балкан во Скопје.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска