Уште една награда за Милчо Манчевски, овојпат во Италија

Од:

Уште една награда за најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски – викендов доби Специјална награда на фестивалот И-фест во Калабрија, Италија. Манчевски е почесен гостин на фестивалот, кој го чествува со Ретроспектива на комплетниот опус, од „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“ и „Кајмак“ до кратките „Четврток“ и „Крајот на времето“. Тој исто така одржа и мастерклас.

Фестивалот објави и соопштение во кое изразува целосна поддршка и солидарност со Манчевски, осудувајќи го политичкиот прогон на кој е тој изложен од македонските власти затоа што пријавил корупција.

„Ме изненади наградата и ме потсети на зборовите на тогашниот директор на Венецискиот фестивал, Џило Понтекорво, кога ми ја врачуваше десеттата награда во иста вечер во Венеција: ‘Баста, сињор Манчевски’. Ја посветувам наградава на сите оние кои вредно работат на филмовите, без никој да знае за нив: истражувачи, публицисти, правници, дистрибутери…“, изјави Манчевски.

Фестивалот во Калабрија се одржува во Националниот парк Полино, и покрај Манчевски годинава чествува и две италијански легенди, актерката Клаудија Кардинале и режисерот Франко Зефирели. Меѓу гостите се и оскаровците Пол Хагис и Куба Гудинг Јуниор и италијанските ѕвезди Франко Неро и Марија Грација Кучинота.

Последниот филм на Манчевски „Кајмак“ неделава продолжува со фестивалскиот живот. На 23 септември „Кајмак“ го отвора фестивалот во Тирана, Албанија, а ден претходно Манчевски ќе има официјална средба со градоначалникот на Тирана Ерион Велиај.

Следат фестивалите Балкан панорама во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, БиХ, а „Кајмак“ ќе продолжи со фестивалите и во текот на есента.

На почетокот на септември, „Кајмак“ ја освои наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, САД, каде ја имаше и американската премиера, а три дена претходно и специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора.

Светскиот продажен агент „Левел К“ од Копенхаген го пласираше „Кајмак“ и во Австралија, каде наскоро ќе почне прикажувањето. Инаку, „Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот, продаден е за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

Би можело да ве интересира

„Кајмак“ на Манчевски награден на фестивал во Палермо

Награда за „Кајмак“ на Манчевски во Калифорнија

„Кајмак“ претставен на Сараевскиот филмски фестивал

Предраг Петровиќ

Лазаревски реагира на објавата на Венецискиот филмски фестивал: Нема прогон на автор, туку расчистување на финансиски злоупотреби

Сара Климоска најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Сомбор

„Банана филм“ на Манчевски поднесе кривични пријави против раководството на Агенцијата за филм