Ун: Македонија е држава на поезијата

Од:

Поезијата има моќ да ја направи секоја земја како родно место, а Македонија е држава на поезијата, заклучи годинашниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, jужнокорејскиот поет Ко Ун на денешната прес – конференција во рамки на 53. издание на фестивалот.

Тој поврзаноста на Македонија со поезијата ја пронајде од страдањата на земјата уште од праиисторискиот период.

– Македонија е сеуште жива, иако поминала безброј страдања уште од праисторискиот период, античкиот, средновековниот и од поновата историја. Од тоа искуство на страдање се формирал посилен поетски свет на еп и на лирика. Процесот на животот е всушност процес на македонската поезија, рече Ун.

Струга, како што нагласи, не е само родно место на браќата Константин и Димитар Миладинови, туку е утопијата за која човештвото се насочува и се надева.

Заедно со поетите од целиот свет, кои присуствуваат на СВП, подвлече дека ќе ја празнуваат поезијата во Струга.

– Струга е место за нашата душа. Ние поетите кои доаѓаме од цел свет, некои патуваат и по 30 часа од Австралија, поети од Бразил, Јужна Америка, Азија и од цела Европа, сме заедница за СВП, додаде Ун, споредувајќи го градот со Јужна Кореја како планинско и многу плодно место.

Со доделувањето на „Златниот венец“ на СВП на најголемиот корејски, но и еден од најголемите светски поети, според директорот на манифестацијата Мите Стефоски, изграден  е уште еден мост кон уште една светска литература. Тој нагласи дека вистинската татковина на поетот е јазикот и преку преводот на македонски, втора татковина на Ун е Македонија.

– СВП преку наградувањето на најголемиот поет на корејскиот јазик има во својата ризница уште еден огромен опус на вредност со што се збогатени не само македонската туку и светската литература, рече Стефоски.

Традиционално, денеска лауреатот засади дрвце во Паркот на поезијата, кое како што нагласи Стефоски, долго ќе живее.

– Ќе продолжат да живеат и неговите цветови создадени меѓу кориците на книгата поезија преведена на македонски јазик уште долго и ќе имаат влијание во македонската литература истакна Стефоски.

Ко Ун е 49-тиот добитник на признанието „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, кое ќе му биде врачено в недела на поетското читање „Мостови“.

Би можело да ве интересира

Македонска поезиjа за деца во руското списание „Иностранаjа литература“

А1он

Промоција на збирката „Одглас“

Во Словенија е објавена и промовирана двојазична антологија на млади македонски поети

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“