Творештвото на Зоран Стојановски од Тетово создавано четири децении ќе биде претставено преку повеќе печатени изданија

Од:

Зоран Стојановски од Тетово веќе четири децении создава проза и поезија за своја душа, а во следниот период сака да ја оствари намерата своите дела да ги претстави пред читателската публика како печатени изданија. По професија е дипломиран психолог форензичар, а кариерата ја поминува на сите позиции за ресоцијализација во Воспитно поправниот дом во Тетово. Пишувал во слободното време, а сега сака да се посвети на издаваштвото. Неговите сограѓани и пријатели преку социјалните мрежи веќе ги дознаваат и читаат дел од расказите.

– Од 10-годишна возраст пишувам, цело време. Во текот на школувањето во основно и средно образование постојано сум член на литературни секции со освоени повеќе награди. Членувам во литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ – Тетово и редовно сум бил застапен во алманахот „Огледало.“ При крајот на осумдесеттите години бев член на претседателството на книжевна младина на Македонија. Овој материјал од над 500 страница што треба да се систематизира во книги е резулат на многу годишно изразување на талентот, вели Зоран Стојановски.

Неговите дела се поставени на интернет платформа за самообјавување (self-publishing) и дистрибуција. Таму се наоѓаат збирка песни: „Задушница“, романот „Дневникот на амнезичарот“, и збирките раскази: „Тетовски раскази“, „Танцот на незабележливите луѓе“, „Надежта на изгубената песна“, „Записи од дното“, „Шарена револуција“ и „Жената со лузни“ на англиски јазик (“Women with scars”).

„Тетовски раскази“ е првото дело кое е во план да биде издадено и испечатено како книга.

– „Тетовски раскази“ се раскази за изгубените вредности на едно изгубено Тетово. Едно тивко Тетово во кое децата имаа детство преполно со игри и дружба, а возрасните живот растеретен од поделби, омраза и политика. Едно Титово Тетово создадено за многу дружења, комуникација, солидарност, колективизам, емпатија, човечност, здрав живот и околина. Во расказите се вредностите на еден систем од 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век како дел од социјалистичкиот систем на Титова Југославија. Систем кој имаше свои слабости, но и зацртано вистински вредности, објаснува Стојановски.

Книгата е збирка од 60 раскази, сместени во пет циклуси и носи порака дека во некогашно Тетово било похумано со вредности спротиставени на оние од денешницата.

– Секој расказ носи апел, преку куп емоции: Дај да вратиме дел од тоа, што можеме, за да ни биде поубаво на сите. А првенствено да ја вратиме емпатијата, човечноста, солидарноста, соживотот. Тој систем и тоа Тетово имаше институции кои сами по себе претставуваа вредност. А институции не се само класични установи кои неминовно имаат своја организација, хиерархија, раководство, туку институции се сите места на кои луѓето се дружат и споделуваат вредности. Сите овие Тетовски институции имаат свој расказ во оваа збирка на Тетовски раскази. Сред таа врска на тетовски вредности и тетовски институции поставени се некаде низ расказите некои од своевидните легенди на Тетово. И се разбира, спецификата на Тетово, меѓуетничките односи имаат свои приказни во оваа книга. И на крајот посебен циклус за посебниот јазик на кој за прв пат е пишувано во Македонија. Затоа тој циклус раскази е на Тетовски дијалект. Најчистиот, најмелозвучниот дијалект на светот. Како долг кон Кирил Пејчиновиќ – Тетоец чиј јазик и ден денес се говори во Тетово. Низ сето тоа се провлекуваат и приказни за специфични обичаи на Тетово кои ги нема никаде во светот, објаснува Стојановски.

Авторот Стојановски e роден 1963 година во Тетово. Како психолог форензичар во ВП Домот во Тетово работел на сите позиции во секторот за ресоцијализација: воспитувач, психолог, шеф на стручен тим, раководител на сектор и директор. Се занимава и со карате и е тренер на карате клубот Басаи од Тетово. Татко е на две ќерки.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска