На Факултетот за словенски филологии на Софискиот универзитет, синоќа се одржа книжевен портрет на реномираниот македонски писател професор др. Венко Андоновски.
Бројни професори и студенти, писатели, литературни критичари и почитувачи на неговото дело беа дел од претставувањето на неговото литературно торештво, на кое свое учество имаа професор др.Панајот Караѓозов-декан на Факултетот за словенски филологии, Васко Шутаров-директор на КИЦ на Република Македонија во Софија и театарскиот режисер Владлен Александров.
Фрагменти од неговите дела „Папокот на светот” и „Бунтот во домот за старци” читаа актерите Албена Колева и Стојан Алексиев, а во музичкиот дел од програмата настапи македонската харфистка Сара Костадиновска.
Венко Андоновски во своето обраќање се осврна на македонската и балканските литератури во рамките на современите литературни текови, зборувајќи низ сопствениот творечки опус за тенденциите, подемите и пробоите на литературите и на Македонија и останатите балкански литератури.
Андоновски имаше средба со колеги професори од Факултетот за словенски филологии, како и средби со големите бугарски писатели, Љубомир Левчев и Георги Господинов.
Книжевното претставување на Венко Андоновски во Софија се реализира со поддршка на Министерството за култура на Македонија.