Туристичките водичи ќе го промовираат македонското културно наследство

Од:

За да се поттикне интересот на што поголем број домашни и странски туристи за богатото културно наследство на Република Македонија, Археолошкиот музеј на Македонија денеска потпиша меморандум за соработка со Здружението на туристички водичи и придружници.

Со тоа се очекува да се зголеми и посетеноста на оваа национална установа која почна да работи пред четири месеци. Соработката ја официјализираа симболично денеска, на Светскиот ден на туристичките водичи. Документот го потпишаа директорката на Музејот Весела Честоева и Татјана Перовиќ-Митрова од Стопанската комора за туризам.

– Целта на меморандумот е промоција на културното наследство на Република Македонија, се со цел за привлекување на поголем број странски и домашни туристи. НУ Археолошки музеј на Македонија и понатаму ќе продолжи да го популаризира и презентира македонското движно културно наследство, рече Честоева.

Таа е задоволна и од досегашната посетеност на музејот кој од октомври, кога беше отворен, досега имал над 15.000 посетители, но очекува поголем успех преку соработката со туристичките водичи, особено за организираните посети.

Перовиќ-Митрова рече дека туристичкиот водич ја претставува државата – нејзината култура, традиција, кулинарството, и затоа, рече таа,  професијата е значајна. Додаде и дека со законската регулатива се подобрени и механизмите за контрола, така што групи од странски туристи не може да посетуваат културно-историски локации без лиценциран туристички водич.

Водичите се задоволни од работата и од посетеноста на туристи. Според Васко Марковски, предизвик е да се биде туристички водич и постојано, како што рече, да се адаптира приказната за Македонија, соодветно на потребите и предзнаењата на луѓето кои доаѓаат од различни земји.

– Голема чест и одговорна позиција е да се биде туристички водич, кој е лицето на нашата земја пред луѓето што понатму ќе ја раскажуваат како свое доживување, како свое искуство, како своја надградба во поимањето на светот… Се повеќе расте бројот на туристички посети на нашата земја, се повеќе расте понудата што нашата земја ја генерира кон странските посетители. Работите се подобруваат, рече Марковски.

Лиман Осман, кој е туристички водич за гости од Турција, рече дека нивниот број е се поголем и тие се заинтересирани за севкупната историја и култура во Македонија и за нејзината природа.

– Турските посетители не се  пребирливи. Ја сакаат Македонија со сите нејзини страни. Ја чувствуваат блиска и ја прифаќаат во целост – и нејзините христијански споменици, и османлиските градби, и природните убавини. Ја шетаат цела Македонија, претежно Тетово, Струга, Охрид, Битола, Ресен. Нивниот престој трае два до три дена. Се работи за т.н. културни тури. Задоволни сме што бројот на турски туристи се зголемува од година во година, рече Осман.

Би можело да ве интересира

На „Браќа Манаки“ преставени кинематограферите Јошио Китагава, Азамат Дулатов и Јошико Такано

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Македонска филхармонија гостува во Дубровник

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Победничката на UpBeat – Best New Talent Award на фестивалот Звукот на Скопје

Почесна „Златна Камера 300“ за Јанаки Манаки од ИФФК „Браќа Манаки“

Предраг Петровиќ