Виолончелистите од Хрватска Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер кои настапуваат во дуото 2CELLOS (Ту челос) на 8 август од 21 часот ќе настапат на Античкиот театар во рамки на 55. Охридско лето, соопшти „Пасворд продукција“.
Виолончелистичкото дуо е сензација од 2011 година по објавата на видеото на Јутјуб во кое на две виолончела свират преработка на Мајкл Џексон. За десетина дена спотот беше прегледан три милиони пати. Оттогаш почнува блескавата кариера на хрватските виртуози, кои покрај концертни настапи имаа и гостувања во шоуто на Елен Деџенерис и беа во емисијата на Џеј Лено. Шулиќ и Хаузер како 2CELLOS гостуваа и во популарната музичка серија „Glee“ (Гли), во чија историја влегуваат како први гости со инструменти во вокалното шоу.
Во Јапонија се најмногу познати, каде добија награда за најдобар инструментален албум во 2014. Во Македонија ќе дојдат по целомесечна турнеја низ Земјата на изгрејсонцето, а дополнително ќе настапат и во Кореја, Сингапур и Хонк Конг. Во последнава година бележат настапи по најважните европски музички центри Берлин, Милано, Лондон, Виена…. На домашен терен, во арената „Лисински“ во Загреб, закажаа еден концерт кој беше веднаш распродаден, па закажаа втор.
– Но ништо не може да се спореди до учеството на Лука и Стјепан во светската турнеја на сер Елтон Џон и неговиот бенд, во кој Хрватите беа вклучени по силно инсистирање на самиот Елтон. 2CELLOS беа дел од „ол стар“ составот на Џон на стотици настапи по светот и задолжително се појавуваа на концертите на англискиот хитмејкер во хотелот „Цезарс Палас“ во Лас Вегас, соопштува „Пасворд продукција“.
Досега имаат издадено три албуми: „2CELLOS“ во 2011 година, „I2ition“ (Интуишн) во 2013-та, плоча потпишана од славниот Боб Езрин, продуцент кој соработувал со Пинк Флојд, Питер Гебриел, Лу Рид и многу други. На овој албум на 2CELLOS гостуваат Стиви Ваи, Наја Ривера, Ланг Ланг и Цукеро и Елтон Џон.. На почетокот на годинава го издадоа третиот – „Celloverse“ (Человерс) каде покрај преработките на поп песни во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.
– Речиси и да не постои престижна концертна сала во светот каде момците не измамиле громогласни аплаузи. Од Нов Зеланд до Америка, 2CELLOS се прифатени со восхит и неверување во нивниот музичко-сценски капацитет. 2CELLOS се познати по огнената енергија и неизмерната љубов кон музиката која не можат да ја сокријат на сцена.
Многу специфично е дека академски музичари со светски признанија за достигнувања во класичната музика криеле таков талент за таков настап и анимација на илјадници луѓе на концерти, генијален хумор и беспрекорна спонтаност. Опуштени и секогаш подготвени да ја доведат публиката во еуфорија, наведува продукцијата во најавата за концертот во Охрид.
Билетите за настапот на 2CELLOS во Охрид ќе чинат 800, 1.000 и 1.200 денари, а ќе може да се набават во продажната мрежа на МкТикетс, како и онлајн.