Македонското музичко трио „Интерарт“ во состав: Емилија Ристевска – Стефановска, флејта, Александар Стефановски, флејта и Татјана Божиновска, пијано, неодамна одржа два концерти во Малта – првиот концерт во Палата Периера во Валета, додека вториот во Англиканската катедрала во Слима.
Концертите на триото „Интерарт“ во Малта беа организирани од страна на Сојузот на композиторите на Македонија, во соработка со ЕПТА – Малта, Mediterannean Events и Руско-малтешкиот културен центар.
Уметниците настапија со изведба на дела од Д. Шостакович, Ф. Доплер, И. Кларк, како и со „Анданте“ од македонскиот композитор Сони Петровски, претставувајќи се во одлично светло пред странската пубика, која пак, ги поздрави со долги аплаузи.
Триото „Интерарт“ е добитник на престижната прва награда „Диплома на честа“ на „Tornero Internazionale di Musica“ натпреварот во Париз (Франција) во 2006 година, по што добива покана да настапи во Рим заедно со уште шест состави – лауреати на камерни натпревари од целиот свет. Триото е формирано во 1997 година во Германија, каде македонските флејтисти Александар Стефановски и Емилија Ристевска – Стефановска, заедно со јапонската пијанистка Макико Хирата, настапиле со рецитал во Алтенбург, по што следеле и два концерти во Македонија. Сегашната формација на „Интерарт“ досега има настапувано на повеќе значајни концертни подиуми и фестивали во Македонија, а сите членови се докажани солисти кои имаат настапувано со рецитали во Македонија и надвор од неа, како и со Македонската филхармонија. Во нивната биографија се забележани настапи во Франција, Италија, Германија, Грција, Хрватска, Норвешка, Турција, САД… Во 2010 година, триото „Интерарт“ го сними своето трето ЦД.