На годинашниот Државен фестивал на непрофесионален филм на Македонија – ДФНФ 2020 тетовските автори Ана Андонова и Глигор Кондовски добија највисоки фестивалски награди. Ана Андонова освои Златна плакета за експерименталниот филм „Конекција“ и Бронзена плакета за краткиот филм „Кутија со музика“, додека Глигор Кондовски освои Златна плакета за режија за документарниот филм „Јас ќе си пеам“.
-Последниве пет години секој година учествувам на Државниот фестивал на непрофесионален филм во Македонија и речиси секоја година освојувам по некоја награда. Оваа година Бронзена плакета освои филмот „Кутија со музика“ каде што главната улога ја има младата Мила Глигоровска. Златна плакета за експериментален филм освоив со филмот „Конекција“ во кој учествува балерината Наташа Оклевска Момировска. Наградите и учеството ми беа огромна чест и се надевам дека истото ќе се повтори и следната година и дека ќе има уште поголема конкуренција, изјави Ана Андонова.
Документарниот филм на Глигор Кондовски „Јас ќе си пеам“ освен што ја освои Златната плакета за режија тој ја доби и наградата „Гран при“ како најуспешен филм на фестивалот.
-Оваа награда ја должам на најстарата пеачка група во Тетово и пеачите кои целиот свој живот си пееле, се уште пеат, и ќе пеат иако имаат тага како и секој човек. Taка се вели и во песната „Јас ќе си пеам” на Васка Илиева. Идејата на текстот прерасна во сценарио за на крајот да се овековечи во краток документарен филм. Радослав и Томислав, кои сега пеат со ангелите се: „Другари ми беа гранчиња, гранчиња од трендафил”. Голема благодарност до нивната доверба и помош при реализирање на овој документарен филм, без нивното пеење немаше да се случи приказната. Бев изненаден на оваа награда бидејќи документарниот филм не е во стандардна телевизиска форма со класични интервјуа или некаков voice over. Камерата ги набљудува во вид на опсервација врз нивната љубов кон пеењето на кое му посветиле голем дел од својот живот, изјави авторот Глигор Кондовски.
Филмовите „Конекција“ и „Јас ќе си пеам“, заедно со уште четири други филмови кои беа наградени на Фестивалот, ќе ја претставуваат земјава на 82-то издание на меѓународниот филмски фестива на аматерскиот филм УНИКА кој наредната година се предвидува да се одржи во Велика Британија.
Годинашново 49-то издание на Фестивалот се одржа во Кинотека во Скопје во организација на Кино сојуз на Македонија и Народна техника на Македонија со подршка на Агенцијата за филм, а на него пристигнаа 31 филм од повеќе автори од неколку градови во државата. Овој традиционален фестивал секоја година ги претставува делата на филмските аматери од земјава во неколку категории: документарен, краток, експериментален и анимиран филм.