Играниот филм „Татко“ на Висар Морина ќе се натпреварува за главната награда Кристален глобус на 50. Интернационален филмски фестивал во Карлови Вари.
„Татко“ ја раскажува приказната на десетгодишниот Нори и неговиот татко Гзим кои за живот заработуваат продавајќи цигари во предвоено Косово во деведесеттите години на минатиот век. Гзим сакајќи да избега од минатото, планира да го напушти Косово без својот син, а момчето ќе стори сѐ за да го спречи својот татко во оваа намера. Се случува несреќа. Шокираниот Гзим го носи Нори во болница, по што едноставно исчезнува. Лут, но цврсто одлучен Нори тргнува на опасно патување за да го најде Гзим, кој бега во Германија. Со упорност каква што само дете може да има, тој се спротивставува на својот татко, на кого не може да му прости за тоа што го напуштил.
„Татко“ е дебитантски игран филм на Висар Морина, кој е и автор на сценариото. Филмот е копродукција меѓу Нико Филм од Германија, Продуксиони Круша од Косово, Скопје Филм Студио од Македонија и Окс Вивес од Франција, а беше поддржан од некилку национални филсми фондови, меѓу кои и Агенцијата за филм на Македонија.
Дел од сцените на филмот се снимени во Македонија, на крајбрежјето на Охридското Езеро.