Во организација на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од романскиот град Крајова од денеска до 22 април во Охрид ќе се одржува Светскиот поетски патувачки фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“.
Предвидено е во Охрид во рамки на фестивалот да присуствуват поетите Јон Деаконеску, Константин Барубу од Романија, Тибор Залан од Унгарија, Бојко Ламбовски од Бугарија, Атила Балаж од Словачка, Градимир Гојер од Босна и Херцеговина, Јетон Келеменди и Љуљзим Тафа од Косово како и македонските поети Зоран Анчевски, Славе Ѓорѓо Димоски и Иван Антоновски.
Во рамки на тридневната програма поетите утре во Прличевата одаја на охридската библиотека заеднички ќе ги прошират видиците преку размена на информации за животот и творештвото на двајцата исклучителни поети Григор Прличев и Михаи Еминеску кои живееле и твореле во 19 век, не се познавале, но според критиката, секој засебно се симбол на најпознати и најценети поети од тој период во македонската и романската книжевност и култура.
Учесниците на Светскиот поетски фестивал следните два дена ќе имаат можност преку неколку читања да го претстават своето лично творештво. На кафе-средба во барот „Аквариус“, во манастирските комплекси „Св Наум„ и „Св Спас“ ќе се инспирираат за да ја напишат најубава песна за Охрид.
Светскиот поетски патувачки фестивал е проект на Библиотеката од Охрид, дел од нејзината Годишна програма за работа финансирана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија меѓу своите основачи има двајца добитници на Нобелова награда. Академијата е единствена институција во Романија поканета од Кралската Шведска академија и Нобеловиот комитет да номинира кандидати за Нобеловата награда за литература.