Светски ден на книгата и авторското право

Од:

Во изминативе месеци сведоци сме на напади врз деца во училишта и палење на книгите на клада. Во таа смисла нашата порака е јасна: да ги зајакнеме напорите за промоција на книгата, перото, компјутерот, како и сите форми на читање и пишување, борбата против неписменоста и сиромаштијата и да изградиме трајни општества и стабилни темели на мирот.

Ова го истакнува Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право кој се одбележува на 23 април.

Бокова нагласува дека УНЕСКО има улога на лидер во борбата против неписменоста зашто описменувањето, вели таа, е клучот на знаењето.

– Тоа е есенцијално за самодоверба и осамостојување. Книгите, во сите нивни форми, имаат фундаментална улога. Во светот има 175 милиони млади луѓе – поголемиот број се девојчиња и млади жени – кои не знаат ниту да читаат ниту да пишуваат, па затоа УНЕСКО се залага да ги мобилизира технолошките можности за информирање и комуникација, особено мобилните технологии, за да ја развива писменоста и за да овозможи квалитетно образование, пишува Бокова во светската порака.

Во заложбите за промоција на читањето кај младите и маргинализираните групи, УНЕСКО соработува со Меѓународниот сојуз на издавачи, Меѓународното здружение на книжари и Меѓународното здружение на библиотеки и библиотекарски асоцијации.

За таа цел Инчеон, Кореја, е избран за Светски град на книгата во 2015 година, како признание за нивната програма за развој на читањето кај младите и маргинализираните групи. Програмите поврзани со градот на книгата почнуваат на денот на одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право.

Македонската порака оваа година ја напиша писателот и академик Луан Старова, кој посочува дека и покрај  метаморфозите предизвикани од дигиталната револуција, книгата не престанува да ги здружува луѓето, да ги урива границите во времето и просторот, да истрајува како светилник на надежта.

– За нас, на овие македонски простори, на кои се вкрстувале цивилизации и империи, книгата останала не само незаменлив монумент на меморијата туку и вектор на поврзувањето на вековите. И во оваа наша порака, не само за присет и слава на книгата, си дозволуваме и на повик за универзална мобилизација за продолжување на нејзината мисија. Свесни сме дека ниту еден друг воспитен и образовен инструмент, ниту телевизијата и другите медиуми, не можат да го заменат читањето на книгата, пишува Старова во пораката.

Светскиот ден на книгата УНЕСКО го одбележува од 1995 година, а 23 април е избран зашто на тој датум во иста година (1616) починале двајца великани на светската литература –  Шекспир и Сервантес.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска