Студентски дебати „Шекспир живее“ како дел од глобалната кампања

Од:

Студентските дебати во рамки на проектот „Шекспир живее“, по повод годишнината на книжевниот гениј, Вилијам Шекспир (400 години од неговата смрт) се дел од глобалната кампања „Shakespeare Lives in 2016“, во организација на Британскиот совет и Британската амбасада во Скопје.

Дебатите се закажани на 8 април на Филолошки факултет „Блаже Конески“ и на 11 април на Факултетот за драмски уметности во Скопје со почеток во 12 часот.

Моќ и власт, дискриминација, родов идентитет, верска толеранција, морал, етика, комуникација и популарна култура се дел од темите кои ќе се отворат низ интерактивна дискусија со студентите. Вилјам Шекспир, најдобриот британски поет и драматург, ќе биде актуелизиран низ социо-културниот контекст на денешнината низ неколку тематски целини: „Метаморфозите на Шекспир“ на проф. Рајна Кошка-Хот од Филолошкиот факултет при УКИМ, „Шекспир и интеркултурната комуникавција“ на проф. Антоанела Петковска од Филозофскиот факултет при УКИМ и „Бескраен простор на ореовата лушпа“ на писателот Гоце Смилевски од Институтот за македонска литература.

Првата дебата на 8 април ќе ја отвори Британскиот амбасадор, Чарлс Гарет, по што ќе следува свечено обраќење на деканката на Филолошкиот факултет, д-р Славица Велева. Настаните се од отворен карактер.

– Мојот дел во рамки на студентските трибини се однесува на социолошкиот дискурс на Шекспир и тоа на три клучни аспекти: Времето на Шекспир и ренесансата како револуција и контракултура, Шекспир и класно-социјалниот идентитет и статусот на литературата и театарот и Шекспир како обид за интеркултурна комуникација: време, простор, класа, род, етничност, религиозна припадност, индивидуализам versus колективизам, остварување на правда и правичност, борба со стереотипи и предрасуди, критичност или конформизам, алиенација или почитување на основните човекови права, како и емоциите наспроти рациото, вели проф. Антоанела Петковска

Темите за кои пишувал Вилјам Шекспир, односот меѓу моќта и власта, толеранцијата и нетолеранцијата (верска, расна, политичка…) и пред сè, прашањето на родот, родовиот идентитет и родовите стереотипи се и денес актуелни.

– Во времето на ренесансата на жените не им било дозволено да се појават на сцена, така што женските улоги ги играле млади момчиња додека не им мутирал гласот. Во трагедиите големите хероини како единствено оружје ја имаат „храброста на својот јазик“, а секој нивен обид од маргините да се придвижат кон центарот завршува, како што вели феминистичката теорија, како „мртвиот центар“ на трагедијата. Ова, пак, го поттикнува и прашањето дали Шекспир бил протофеминист или женомразец, дали бил субверзивен или конформист. Ова е само мала провокација за разговор од многуте теми кои ќе ги отвориме со студентите, вели проф. Рајна Кошка-Хот.

Според писателот Смилевски Шекспировиот стих што почнува со „Тo be or not to be“ продолжува со „that is the question“.

– Тоа е прашањето над амбисот што ги дели постоењето и непостоењето. Тоа е многу повеќе од прашање за самоубиството и целиот тој монолог е крик за смислата и бесмислата на постоењето. И концентрирањето на егзистенцијалната драма на човековата судбина – да се биде или не – на неколку зборови, со тоа сведување не доживува стеснување, туку експанзија, експлозија, еден метафизички еквивалент на биг бенгот… Тоа се неколку зборови што ги опфаќаат сите човечки постоења – минати, сегашни и идни, сите човечки постоења до Шекспир до денес и од денес, па сè додека постои човечкиот род, значи од првиот до последниот човек: да се биде или не, тоа е прашањето, има ли или нема смисла ова постоење?, вели Смилевски.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска