Студенти од државните факултети за музика во Македонија вечер ќе бидат солисти на симфонискиот концерт на Македонската филхармонија под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар.
Ќе настапат седум млади талентирани музички уметници: Александра Чуруковска, контрабас (класа: проф. Велко Тодевски), Благоја Василвски, хорна (класа: доц. м-р Александар Гошев), Бранко Илиевски, тромбон (класа: проф. м-р Александар Бенчиќ), Александар Илијевски, труба (класа: проф. м-р Васо Ристов), Игор Бакревски, кларинет (класа: проф. м-р Сава Димитров), Оскар Ереш, гитара (класа: вонр. проф. м-р Дарко Багески) и Иван Трајковски, пијано (класа: проф. д-р Марија Ѓошевска).
– Овој концерт ќе донесе спој од талент, креативност, младешка енергија и атрактивна програма. Ќе бидат изведени: Концерт за контрабас и оркестар (1 став) од Драгонети, „Лов под месечина“ од Винтер, Концерт за тромбон и оркестар од Томази (3 став), Концерт за труба и оркестар од Томази (1 став), „Цигански напеви“ од Сарасате, Концерт за гитара и оркестар (2 став) од Вила-Лобос и Концерт за пијано и оркестар бр.3 од Прокофјев (1 став), соопшти Филхармонијата.