Струшки вечери на поезијата од 21 до 26 август

Од:

Во завршна фаза се подготовките за 53. Струшки вечери на поезијата кои свечено ќе бидат отворени на 21 август пред Домот на позијата со засадување дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот јужнокорејскиот поет Ко Ун.

Директорот на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски на прес-конференција на која ги презентираше тековните активности во врска со подготовките за најстариот поетски собир во светот, рече дека наскоро го очекуваат и пристигнувањето на Ко Ун, со кој доаѓа и значајна делегација од општествениот живот на таа држава. Изрази увереност дека годинава ќе биде значаен исчекор во развојот на Фестивалот, кој во својата 53-годишна историја, како што нагласи, мора да се преобразува и да се сообрази и со новите времиња, тенденции и новите начини на презентација на поезијата.

Фестивалот ќе биде можност за светска промоција на македонската култура преку поетите-гости.

– Тежнееме секоја година да направиме Фестивалот да добие нови содржини. Значајна промена во однос на минатите години е тоа што и даваме посебен акцент и на македонската поезија, но овој пат бидејќи е интернационален фестивал, со акцент токму на моментите на нејзина промоција пред гостите од странство, издавачите, директорите на значајни поетски фестивали, рече Стефоски.

Тој потенцира дека еден ден ќе биде посветен на промоција на македонската поезија преку омажите на значајните македонски поети основоположници на современата македонска поезија на промоција на актуелни книжевни случувања, промоција на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, наjзначајната награда за поетска книга во Македонија. Новинина која од годинава редовно ќе биде во идните програмски содржини, истакна Стефоски, е поетскиот портрет на тројца значајни македонските автори. Годинава тоа се Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Влада Урошевиќ.

Посочи дека сакаат да привлечат нова млада публика, преку самиот фестивал да презентираат поетски изрази кои во своето средиште ја имаат поезијата, но на некој начин се допираат и со другите уметности.

– Затоа е и промоцијата на интермедијални проекти, музичко-поетски перформанси, визуелна поезија. Во квечерината на фестивалот ќе почнеме со прикажување на поетски филмови и веруваме дека ќе го привлечеме вниманието на јавноста, а ќе се одржи и Летен саем на книгата. Значајни промени во фестивалот се направени во тоа што поинаку се организирани ноќите без интерпукција со поинаков приод давајќи им соодветно поинакво место на младите македонски писатели, појасни Стефоски.

Ќе објават избор од Хуан Хелман од Аргентина, еден од најголемите поети кој почина во јануари, во едицијата плејади ќе бидат објавени делови од поетското творештво на неколку странски поети, додека во превод на англиски јазик ќе биде објавена книгата „Помнам“ на Ристо Јачев, минатогодишен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“.

Заедно со УНЕСКО, посочи, ја доделуваме наградата „Мостови на Струга“, а едно од најзначајните изданија година ќе биде антологијата на словачката поезија.

На најстариот поетски светски собир, кој завршува на 26 август, освен од Македонија ќе присуствуваат поети од Австралија, Египет, Иран, Бразил, Јапонија, САД, Норвешка, Турција, Словачка, Финска итн., кои ќе ја претстават својата култура, а ќе го запознаат и македонското творештво преку поетски читања, средби и претставувања.

Се планира Струга да биде претворена во електронска поетска антологија, а на фреквентните места преку QR-кодови да бидат достапни песни на повеќе јазици кои можат да се читаат преку мобилните електронски уреди.

Стефоски додаде дека добиле тригодишен гран од Креативна Европа со кој ќе им биде овозможено да организираат дополнителни поетски настани во текот на годината.

Димоски рече дека Струшките вечери на поезијата во аналите на светската култура, се запишани како најстара поетска манифестација во светот, а годинашниот добитник на Златен венец, Ко Ун е еден од најголемите светски поети.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

„Бела ноќ“ во Скопје

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар