Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга од 10-ти до 12-ти овој месец ќе се одржи Меѓународниот арт фестивал „Езерски бисери 2018“, на кој ќе учествуваат пејачи, инструменталисти, танчери и други уметници од целиот свет.
На фестивалот ќе учествуваат млади таленти од Русија, Унгарија, Хрватска, Украина, Словенија, Белорусија, Македонија, Казахстан, Литванија, Србија, Бугарија, Романија, Босна и Херцеговина, Молдавија и Турција.
Натпреварот во класика и естраден вокал и танци ќе се одржи во сабота, а настапите ќе ги оценува реномирано интернационално жири, чии членови ќе одржат бесплатни мастер класови по натпреварот за сите учесници и нивните професори. Традиционалниот гала концерт ќе се одржи в недела. Најдобриот учесник ќе добие награда Гран при, фестивалска статуетка, парична награда од 1.000 долари и оригинални охридски бисери од семејството Филеви.
Во рамките на фестивалските случувања ќе се одржи и избор за Европска убавица, во организација на World Beauty Contest од Москва. Осумнаесетте кандидатки за оваа титула ќе се претстават во национални костуми, спортско издание и вечерни тоалети.
Фестивалската програма почна вчера и ќе трае до 14 август, кога ќе се одржат повеќе мастер класови за учесниците, за кои е организирана и посета на Охрид и Вевчани.