Младиот македонски писател Стефан Марковски со неговиот роман „Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ ќе биде специјален гостин на Осмата европска ноќ на литературата – 2019, што ќе се одржува вечерва на различни места низ Софија.
Гостувањето на Марковски се реализира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, а романот ќе биде промовиран во Национален студентски дом каде делови од книгата ќе читаат актерите Игор Дамјанов и Ѓорги Георгиев – Антика.
Приказната на романот е структурирана во шест дела во кои вајарот и скулптор Максимилијан Комнениус создава бронзени статуи посветени на шесте типови љубов – Ерос, Лудус, Сторге, Прагма, Манија и Агапе, минувајќи низ различни фази од животот, односно сонот и јавето, човечкото и божественото.
Максимилијан халуцинира девојка по име Катја која синтетизира своевидна отелотворена инспирација и возвишена љубов. Вајарот е зависен од сопствената халуцинација и склучува договор, чија цел е халуцинациите да станат пореални и повивидни што ултимативно би довело до тоа таа да се претопи во неговата реалност во замена за совршена изработка на шесте статуи. Паралелно на ова, во романот е прикажан и неговиот социјален живот и дружбата со Џими, заробен во недоумици заради сопствени психолошки проблеми и животни перипетии, што е еден од наведувачките фактори кои ја задаваат склоноста за експериментирање со наркотици.
За делото на Марковски се посочува дека орнаментираниот и полиасоцијативен стил на раскажување е една од помоќните алатки со кои авторот не воведува во приказната. Променливиот раскажувач во различни сегменти од романескното дејство, се додава, на различни начини се преплетува меѓу субјективен и објективен, оставајќи го читателот самостојно да сфати во кои мигови од дејството раскажува објективниот наратор, а во кои Максимилијан.
– Романот „Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ со својата деликатна, повеќеслојна структура што го прави пристапен до различни нивоа за различни типови читатели е, како што би рекол Јордан Плевнеш, „пресвртнички чин во тековите на новата македонска проза, кој би можел да биде сведен на Прозонема или роман во една реченица, или пак во Роман-Река што може да ги однесе во духовна поплава сите негови идни читатели заедно со авторот.“
Овој роман е прва објава на книга од Марковски на бугарски јазик.