„Стале Попов“ за Лидија Димковска и „Ацо Шопов“ за Весна Ацевска

Од:

Лидија Димковска за романот „Резервен живот“ ја доби наградата за проза „Стале Попов“, а Весна Ацевска за стихозбирката „Будност.Лотос“ е годинашен добитник на наградата „Ацо Шопов“ за поезија.

Наградите ги доделува Друштвото на писателите на Македонија, кое минатата недела ги соопшти и имињата на добитниците на другите две годишни награди за 2012. – „Димитар Митрев“ за критика и есеи за  Иван Ивановски, a наградата „Ванчо Николески“ за литература за деца му припадна на Панде Манојлов.

На конкурсот за наградата „Ацо Шопов“ пристигнале 17 поетски книги од 16 автори, а покрај наградената во потесен избор биле уште четири книги поезија – книгите на Ефтим Клетников, Иван Џепаровски, Василе Димески и Јовица Тасевски Етернијан.

– Ритуалниот поетски од на Весна Ацевска ја открива оваа поезија во нејзината свртеност кон она што е вон и она што е во себе, како интелектуално, лирско и универзално созвучје… Оваа лирика на Весна Ацевска навлегува во поетската суштина и на нашиот голем поет Ацо Шопов, кој со своето неодминливо творештво зацрта патишта и откри сознанија кои ја збогатуваат творечката мисла на македонските поети, истакна Гордана Михаилова-Бошнаковска, претседателка на жирито за наградата „Ацо Шопов“ во кое покрај неа членуваа и Бранко Цветкоски и Али Алиу.

Наградената Ацевска истакна дека за неа наградата претставува многу повеќе од признание за остварените резултати на нејзиното поетско творештво.

– Нејзиното доделување го доживувам како празнување и негување на длабоката поврзаност на лирските дела на нашите македонски современици и претходници, достојно симболизирана преку името и делото на нашиот исклучителен лиричар од првата генерација современи македонски поети, Ацо Шопов. Неа ја доживувам и како поттик и повик за негување на лирскиот пев со високи вредности, рече Ацевска.

Претседателката на жирито за наградата за најдобро прозно дело Анастасија Ѓурчинова во образложението истакна дека романот на Лидија Димковска „Резервен живот“ се издвоил „со оригиналноста на темата и успешноста во нејзиниот третман, донесувајќи една необична и силна нарација, со суптилни лирски пасажи, но и продлабочен психолошки засек во материјата“.

– Романот ги поставува проблемите на „различноста“ и „другоста“ со сета деликатност во нивното прифаќање или одбивање од страна на средината, нудејќи ја темата на близнакот како можна метафора за двојството на човековата природа, рече Ѓурчинова.

Покрај неа, во жирито за оваа награда беа и писателите Илхами Емин и Жарко Којунџиски.

Од 17 пристигнати прозни книги (романи и збирки раскази) во потесен избор влегле и „Историја на луѓето кои умреа од страв“ од Ермис Лафазановски и „Зад аголот“ од Томислав Османли.

Во отсуство на наградената Димковска беше прочитана нејзината изјава во која вели дека е почестена што вторпат ја добива наградата „Стале Попов“ која и беше доделена и во 2005 година за книгата „Скриена камера“.

– Се прашувам да не е ова итарпејовска шега? Затоа што ретко се случува еден ист автор, односно што е поважно авторка, и тоа замината од Македонија, уште во првата половина од животот да ја добие двапати истата награда… Мојата најинтимна благодарност му ја упатувам на оној од кого сите учевме и да читаме и да пишуваме, незаменливиот Стале Попов, истакнува Димовска, која живее во Словенија.

Четирите награди на лауреатите ќе им бидат врачени на 13 февруари, кога македонската писателска асоцијација го одбележува денот на своето основање.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска