Македонската филхармонија во петок ќе одбележи 73 години од постоењето. По овој повод го најавува концертот „Среќен ти роденден!“ на чија програма се Прелудиум за оркестар бр. 2 од македонскиот композитор Панде Шахов, виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од Карл Голдмарк на кој како солист ќе настапи македонскиот истакнат виолинист Љубиша Кировски, како и атрактивната симфониска поема „Американец во Париз“ од Џорџ Гершвин.
На концертот ќе му претходи кус ретроспективен осврт на историјатот на Македонската филхармонија на музикологот Марко Коловски, а ќе биде најавена и скорешната изложба на фотографии „Маестро“, посветена на најзначајните диригенти на Македонската филхармонија. Спонзор на првата едиција „Маестро“ е „Арс Ламина“.