Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари работна средба со членовите на мониторинг-мисијата на УНЕСКО составена од претставници на Центарот за светско наследство на УНЕСКО и експерти од советодавните тела на Центарот, Меѓународниот совет за споменици и места (ИКОМОС) и Меѓународната унија за конзервација на природата (ИУЦН) кои од 9-ти до 14 април реализираат реактивна мониторинг-мисија во охридскиот регион.
Тие во изминатите денови имале средби со претставници од надлежните институции во насока на извршување увид во спроведените активности на терен и оценка колку се реализирани препораките на УНЕСКО донесени во Истанбул, минатата година на состанокот на Комитетот на светско наследство.
– Министерката за култура Канческа-Милевска на средбата со експертите од УНЕСКО истакна дека Министерството за култура заедно со Националната комисија на УНЕСКО беше координатор на сите активности по кои требаше да се постапува согласно со Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Притоа таа го нагласи партнерскиот однос што Република Македонија го негува со оваа еминентна организација и кој се одликува со поддршка на многубројни иницијативи и реализација на голем број проекти во областа на културата, заштитата на културното наследство, образованието, науката, информатичкото општество и животната средина, информира Министерството за култура.
Канческа-Милевска, која е и претседател на Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура, потенцирала дека мошне активно и со целосна посветеност се следеле и се имплементирале сите препораки кои се содржани во Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, за што била информирана и Владата на Република Македонија.
– Министерката за култура и експертите од УНЕСКО ги разменија своите размислувања околу актуелните проекти кои се реализираат во Охрид и кои се однесуваат на заштитата на културното и природното наследство, меѓу кои се и изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник и заштитата на старото охридско јадро. Експертите од УНЕСКО нагласија дека целта на посетата е да се добијат информации и да се видат напорите, проектите и напредокот во нивната имплементација од страна на централната, но и од локалната власт, во заштитата на културното и природното наследство и спроведувањето на забелешките од УНЕСКО од минатата година на 40-тата седница одржана во Истанбул, наведува Министерството за култура.
По извршениот мониторинг од мисијата и по состаноците и консултациите, ќе бидат презентирани нивните натамошни насоки и препораки.
Експертите од УНЕСКО во изминатите денови остварија работни средби со повеќе надлежни институции. Во рамки на посетата на Охрид, тие ги посетија локалитетот Плаошник, црквите „Св. Богодорица Перивлепта” и „Св. Софија”, Галеријата на икони, Античкиот театар, локалитетот „Манчевци” и повеќе објекти на кои се преземени конзерваторски активности, како и националниот парк „Галичица“, но и неколку точки од локациите предвидени за реализација на инфраструктурните проекти А2 и А3, како и избрани точки од локациите предвидени за реализација на инфраструктурниот проект железничка делница на Коридор VIII.