Македонија доби сребро на светскиот балетски натпревар што се одржа во Романија од 19 до 21 март. Ја претставија ученички од основното и средното балетско училиште кои се натпреваруваа заедно со над 200 учесници од целиот свет.
На натпреварот, на кој Македонија првпат е присутна, учествуваа ученици и професионални играчи од девет до 26 години поделени во четири категории од Јапонија, Кореа, Австралија, Велика Британија, Франција, Шпанија, Шведска, Полска, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Романија.
Меѓу учесниците беа и две ученички од основното и една од средното балетско училишите ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје од класата на проф. Соња Здравкова Џепароска.
Најзабележителен успех, кој е воедно и највисок пласман во историјата на досегашните учества на големите, светски референтни професионални балетски натпревари забележа 13-годишната Стефанија Гаштарска, која доби сребрен медал.
Гаштарска беше поканета од американските организатори да учествува на балетскиот натпревар во Орландо, САД.
Во пред-професионалната група, која вклучуваше учесници од 14-17 години, со учество на 46 кандидати македонските претставнички Виолета Карајанова и Мартина Димовска се пласираа високо во однос на рангираните кандидати, што е исклучителен успех со оглед на бројот на учесници и нивниот квалитет.
Натпреварот го оценуваше жири составенo од реномирани балетски уметници и уметнички директори на балетски компании од Русија, Куба, САД, Порторико, Германија, Кореа, ЈАР, Србија, Хрватска и Романија.